Премиера

Музика во книга: Вистински бисер за сите музички сладокусци од новинарот Ненад Георгивски (Фото)

Поминаа времињата од шеесеттите и седумдесеттите години од минатиот век кога музиката беше најважното нешто на светот, барем за младите од тоа време. Но, за среќа, сè уште постојат луѓе што длабоко ѝ се посветени на музиката и на нејзините протагонисти од која и да е страна на сцената. Еден од оние ретки поборници за добриот вкус овде кај нас е токму Ненад Георгиевски.           

Во Музика и муабети: колекција на музички интервјуа“ тој внимателно ги селектирал разговорите што ги водел со многу значајни имиња од денешната музика во период од 15-тина години. Ненад ја имал таа среќа да направи интервјуа со куп значајни имиња од современата музика како: Дејвид Брн, Дејвид Силвијан, Раби Абу Калил, Пет Метини, но и такви за кои можеби прв пат ќе слушнете од неговите текстови. Многу коректно е што страница до страница во неа големите светски имиња се наоѓаат до македонските изведувачи како: Влаткo Стефановски, Кирил Џајковски, Вера Милошевска и Џијан Емин.

Она што е заедничко за сите направени интервјуа е големата почит на Ненад кон уметниците, без оглед колку се тие извикани, комерцијално големи или мали, како и неговата подготвеност да постави информирани прашања, во кои не спаѓаат такви од типот „кои се вашите идни планови?“ и „а иначе?“. Истовремено, тривија од приватните животи на интервјуираните воопшто нема, туку муабетите од насловот на книгата се фокусираат токму на она што е најважно – уметноста, без оглед дали се работи за музичката или за некоја која се допира со неа.

Во хроничниот недостиг на музички изданија, списанија и публикации, оваа книга претставува вистински бисер за сите музички сладокусци. Достапна е за нарачка на веб-страницата на „Полица“ и во нивната продажна мрежа ширум земјава.

Подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: