Во прв ред

Концерт на оркестарот на „Танец“ по повод 80 години од основањето на МРТ (Фото)

На 3-ти април во малата сала на Македонската филхармонија, со почеток во 20 часот ќе се одржи редок Концерт на оркестарот на „Танец“ по повод 80 години од основањето на МРТ, 75 години од основањето на „Танец“ и Народниот оркестар на МРТ како и 70 години од раѓањето на Тодор Трајчевски, член на СОКОМ и автор, инструменталист и раководител на Народниот оркестар на МРТ.

„Од архивите на МРТ” е насловот на овој концерт кој обединува неколку јубилеи. Всушност, самиот наслов ја открива содржината на овој ексклузивен настан, со кој оркестарот на „Танец“, раководен од маестро Дарко Илиевски ќе возобнови дел од богатата архива на Македонската радио телевизија, односно ќе отсвири партитури кои се неотуѓив дел од македонското наследство, композиции од врвните мајстори кои создавале за Народниот оркестар за време на неговото постоење.

Концертот ќе започне со кус пригоден разговор со господинот Благоја Десковски, последниот раководител на Народниот оркестар, а потоа ќе биде изведена целовечерна програма составена од композиции од најзначајните автори на аранжмани и творби за Народниот оркестар, и тоа од речиси од сите периоди на постоењето на оркестарот.

Воведниот раговор во програмата со последниот раководител на Народниот оркестар на МРТ, маестро Благоја Десковски ќе го води Бранка Костиќ – Марковиќ.

А присутната публика ќе може да ја погледне следната програма:

  • Брегалнички бисери – Никола Галевски
  • Скопско оро – Ангел Нанчевски
  • Битолско оро – Тале Огненовски
  • Ситна лиса – Пеце Атанасовски
  • Соборско оро – Кочо Петровски
  • Десково оро – Благоја Десковски
  • Фолклорен јазол – Петар Лукиќ
  • Бојанино оро – Илчо Јованов
  • Тинино оро – Тодор Трајчевски
  • Пајдушка игра – Тодор Трајчевски
  • Повардарско оро – Тодор Трајчевски
  • Тинина приказна – Тодор Трајчевски

Влезот за концертот е слободен.

Можеби ќе ве интересира: