Во прв ред

По 18-ти пат во Скопје, музика, танц, хуманост… Време е за Виенски бал

На 11-ви март во хотелот “Александар Палас”, традиционално по 18-ти пат ќе се одржи “Виенскиот Бал” во Скопје, во организација на Здружението за културна соработка “Јохан Штраус”, а под покровителство на амбасадата на Република Австрија во Македонија. “Виенскиот Бал” во Скопје е традиционална културно-музичка манифестација, резултат и потврда за македонско-австриската соработка на полето на културата и уметноста.

Скопје е една од привилегираните метрополи во светот што имаат свој Виенски Бал, кој е и најуспешен во регионот со оглед на континуитетот на одржување, квалитетот на организацијата и програмата, кои придонесуваат за огромен интерес за оваа уникатна манифестација.

Посетитетелите ќе уживаат во виенските валцери и екстравагантноста на Штраус музиката. Маестралниот оркестар “Јохан Штраус” годинава ќе музицира под диригенство на маестро Емин Џијан. Интересно е што годинава се одбележува 150. јубилеј на светски популарното музичко дело “На убавиот син Дунав” на композиторот Јохан Штраус помладиот или “Кралот на валцерите” како уште се нарекува авторот на над 400 валцери. Танчери на танцовиот клуб “Прима Данца” ќе ја забавуваат публиката со атрактивни танцови точки. А годинава, публиката ќе ужива во настапот на профсионална танцова двојка од Италија.

Посетителите пак освен валцери, ќе танцуваат и на познатите поп-хитови и евергрини за време на настапот на Џон Илија Апелгрен, Дејан Бобиќ – Дексо, Калина Велковска, “Свингерси бенд” и “Џез Биг Бенд – ЗЏМ”.На “Виенскиот бал” во Скопје се почитува вековната традиција на задолжителниот дрес-код: долги свечени тоалети за дамите, смокинг или темен костум за господата. И оваа година магијата на музиката, танцот, гламурот на елегантните дами и господа се во служба на хуманоста. Собраните средства ќе бидат донирани на Здружението на граѓани за третман на лицата со Аутизам, АДХД и Аспергеров синдром “Во мојот свет”. Водител на „Виенскиот Бал“ во Скопје ќе биде Јована Стојменовиќ.

Подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: