Премиера

„Со кого заспиваш“ – нов сингл на Дарко Андонов-Даан (Видео)

Неодамна тој ја објави новата песна „Со кого заспиваш“, за која тој вели дека веќе добива одлични првични реакции од колегите и неговите подржувачи.

„Оваа песна ја работевме заедно со мојот соработник и пријател Кире Јакимов, кој воедно е и автор на музиката и текстот, додека аранжманот на песната е мој. Миксинг и мастеринг исто така работеше Кире Јакимов за што сум му многу благодарен, бидејќи ретко кој на овие простори може да извади толку добра продукција, а песната сонично звучи навистина одлично. Честопати знам да искоментирам и да го наречам Мастер, бидејќи навистина финалниот продукт секогаш звучи феноменално. Интересно за оваа песна е што беше готова уште есента 2022 година, меѓутоа од најразлични причини, проблеми и слично некако се пролангираше и после неколку претрпени измени и преснимување го доби финалниот звук, што по мое мислење излезе и подобро од првичната верзија”, вели за Супер радио младиот музичар Даан.

Тој меѓудругото додава дека во однос на видео записот, целта била да се долови самата порака од текстот на песната, односно да се отслика приказната во видео кои ќе одговара на целата нумера, за да може крајниот слушател/гледач како аудио, така и визуелно да ја почувствува енергијата.

„Идеата за видео записот е моја, а го работевме заедно со Дарко Димитриевски кој всушност беше задолжен и за самото снимање и едитирање на видеото и генерално мислам дека ја доловивме приказната во едно симпатично видео. Спотот се снимаше на неколку локации во центарот на Скопје и идеата беше да се опфаат повеќе локации во најразличен период од денот за да може директно да го поврземе со одредени клучни моменти во текстот. Би сакал да истакнам дека периодот од летотo наваму сме доста активни во издавање на нова македонска музика. Во септември имавме песна на „Охрид Фест“ со наслов „Само ти“. Следуваше „Мојот свет“ на која се јавувам како автор и изведувач, а на „Макфест“ не претставуваше Јасмин Алиевски со песната „Се смеам и кога врне“ за на крај да го заокружиме овој период со оваа најнова песна „Со кого заспиваш“ на која исто така се јавувам како артист”, потенцира Даан.

Во однос на периодот кој следи тој најавува многу нови проекти како автори и продуценти, за што веќе се договорени неколку соработки со артисти од државата и надвор. Даан најавува и еден многу интересен и модерен дует со девојка која последниов период е доста актуелна како артист, но во моментов остава тоа да биде изненадување.

„Се надевам дека празниците ќе ги дочекаме во пријатна атмосфера со повеќе македонска музика на медиумите и во локалите. Секој кој е подржувач на македонската музика и култура, и сака да придонесе и да помогне музиката која што ја работам да допре до што поголем аудиториум, би замолил да ме заследат на социјалните мрежи”, додава Даан.

Можеби ќе ве интересира: