Имам нешто да те прашам

Кристина Поптрпева: 2024-та нека биде година на искуства и успеси што ќе ги исполнат вашите денови со радост и задоволство (Фото+Видео)

Освен познати музички имиња, пејачи и пејачки, спортисти… во овогодинешниот новогодишен серијал на интервјуа на Музика24 денес ќе ја запознаете токму неа. Една од најубавите девојки во Македонија. За неа оваа година е една од најуспешните, меѓудругото, ќе ја памети и по најубавите моменти поминати со своето синче, а и по тоа што пополека се враќа на својата омилена професија – манекенството, но и музиката. Работи со странски агенции, брендови и е една од најпрофесионалните во Македонија. Музиката за неа преставува дневен витамин со кој што го поткрева своето расположение. Сака во Новата година светот да стане подобро место за живеење за сите.

Почитувани, манекенката Кристина Поптрпева во новогодишното интервју на Музика24. Што вели таа… прочитајте во продолжение!

Музика24: Кон крајот од уште една интересна година редно е да сублимираме по што ќе ја паметиме… За волја на вистината поминавме кризи, инфлации, замрзнување-одмрзнување на цени, протести, но имаше и убави моменти, музички фестивали, нови хитови, убави и интересни денови… Што Ви остана како белег, сеќавање на 2023-та година?

Кристина Поптрпева: 2023 година за мене беше прекрасна година, година на личен и професионален напредок. Не само што ги постигнав своите цели, туку отворив врати и кон нови искуства и можности. Посветено работев на себе, се вратив на модната сцена по неколку месечна пауза и започнав успешна соработка со странска модна агенција. Но сепак покрај сите професионални успеси, најубавите моменти беа моментите поминати со мојот син!

Музика24: За разлика од предходните неколку години, оваа година многуте музички фестивали (кои за среќа се уште постојат) понудија голем број на композиции и песни кои претендираат да бидат хитови. Која песна според Вас ја одбележа 2023-та година и го заслужува епитетот Хит на годината?

Кристина Поптрпева: Тешко е да се издвои само една песна како “Хит на годината”, бидејќи оваа година имавме навистина многу креативни и квалитетни песни.

Музика24: Се приближува популарната новогодишна еуфорија кога секојдневно се случуваат забави, афтер парти, шопингувања… Во потрага сме по најубавиот подарок за најсаканите. Дали и Вас ви се случува во овој период од годината да бидете еуфорични, односно, како делува целата новогодишна еуфорија на Вас и Вашето секојдневие?

Кристина Поптрпева: Во овој период, слично како и кај многумина, чувствувам позитивна енергија и радост поради новогодишната еуфорија. Новата година, посебно Бадник и Божиќ, се моменти кои ги обожавам. Дополнително роденденот на моето дете на денот кога се пали бадниковиот оган го прави овој период уште поспецифичен за мене. Ги ценам овие денови полни со топлина и радост, и се радувам на споделувањето на среќата со семејството.

Музика24: Кога веќе ги споменуваме новогодишните подароци, како одбирате што да подарите, односно, според што се водите кога бирате новогодишен подарок?

Кристина Поптрпева: Кога одбирам новогодишен подарок, се водам по интересот и хобито на лицето на кое сакам да му подарам подарок.Сакам да одберам нешто што би било убаво и корисно. Важно ми е да одберам подарок кој би одговарал на неговиот стил и вкус. Затоа секогаш се трудам подарокот да биде внимателно одбран.

Музика24: Денес е вистинска реткост некој да праша дали сте среќна личност? Дали практикувате да се интересирате за блиските луѓе што ги прави среќни и колку се трудите да стимулирате убаво расположение? 

Кристина Поптрпева: Секогаш практикувам да се интересирам за блиските луѓе, да разберам што ги прави среќни и се трудам да создадам позитивна атмосфера. Важно е да го делиме радосниот дух и да го направиме своето опкружување среќно.

Музика24: Сите ние правиме грешки и никој не е безгрешен. Што е она што во 2023-та да имате можност би го смениле, или би посакале воопшто да не се случило?

Кристина Поптрпева: Се чувствувам благодарна за сите искуства и предизвици. Не би сакала да сменам нешто, бидејќи сметам дека секој момент е вреден и неопходен дел од мојот раст и самоусовршување.

Музика24: Која песна, или рефрен деновиве го потпевнувате, односно дали денот го започнувате со песна и музика? 

Кристина Поптрпева: Музиката е неопходен дел од мојот утрински ритуал, каде што изборот на песни зависи од моето расположение. Таа е мојот дневен витамин за подигнување на расположението!

Музика24: Дали се уште верувате во легендата за Дедо Мраз и дали за него имате годинава некоја порака?

Кристина Поптрпева: Легендата за Дедо Мраз претставува прекрасна традиција, и често чувствувам носталгија за времињата кога сум била дете. За Дедо Мраз, имам една порака: Би сакала среќни и весели празници за сите деца ширум светот. Нека владее мир и љубов во срцата на луѓето, а светот да стане подобро место за сите.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова, се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се Вашите пред се професионални планови и замисли и што би сакале да се случи ново на приватно поле во Новата 2024-та година?

Кристина Поптрпева: Се надевам на успешна година за сите нас. Професионално, се подготвувам за враќање на музичката сцена и имам нови проекти во подготовка. Со задоволство би кажала дека имам уште неколку планови за во иднина-, но нека бидат изненадување, би сакала да ги откријам кога ќе дојде време!

Музика24: Наскоро не очекува дочекот на Новата 2024-та година, па каде планирате да ја дочекате и со кого?

Кристина Поптрпева: Планираме да ја дочекаме Новата 2024-та година во нашиот „Среќа Бар”, заедно со мојот сопруг и најблиските. Се надеваме на прекрасна атмосфера и моменти полни со смеа и љубов.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз, без неговите ирваси, без даровите, но и без желбите. Кои се вашите желби за Новата 2024 година? 

Кристина Поптрпева: Мојата главна желба за Новата 2024 година е здравје за мене и моите најблиски. Сè друго може да се купи и е привремено, но доброто здравје останува најголема вредност.

Музика24: Со новогодишната порака би го завршиле овој забавен раговор, па ајде да чуеме на кој начин Вие ќе им ја честитате Новата година на вашите фанови, обожаватели, сите оние кои што ве почитуваат и сакаат и секако на читателите на единствениот музички портал во Македонија, Музика24?

Кристина Поптрпева: Ви посакувам прекрасни моменти, среќа што не знае за граници и најважно – здравје! Нека 2024 биде година на искуства и успеси што ќе ги исполнат вашите денови со радост и задоволство. И не заборавајте да слушате повеќе македонска музика! Среќна нова 2024 година!

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: