Имам нешто да те прашам

Тијана Периќ: Во Новата година пронајдете го тоа што ве прави да бидете уникатни и негувајте го безусловно (Фото+Видео)

Почитувани читатели, како што и веќе најавивме денес започнува новогодишниот серијал на новогодишни интервјуа каде ќе ги запознаете нашите познати јавни личности на сосема поинаков начин.

Честа прва да го започне нашиот новогодишен серијал година ја има младата косоока убава Тијана Периќ која е релативно ново име на македонската музичка сцена која со нејзината прва песна „Писмо“ се појави пред две години. Убава ненаметлива со алтовска боја на глас оваа година направи Бум на „Макфест“ со песната „Бумеранг“ и влезе во најдобрите пет во ревијалната вечер. Има 21 година, има завршено нижо и средно музичко образование, а сега е 3 година на музичката академија. Сака да чита книги, да гледа филмови и серии, да танцува, да се дружи и неостварена желба и е да биде глумица.

Музика24: Кон крајот од уште една интересна година редно е да сублимираме по што ќе ја паметиме… За волја на вистината поминавме кризи, инфлации, замрзнување-одмрзнување на цени, протести, но имаше и убави моменти, музички фестивали, нови хитови, убави и интересни концерти… Што Ви остана како белег, сеќавање на 2023-та година?

Тијана Периќ: Мене лично ќе ми останат како убаво сеќавање за 2023-та година поврзано со музиката, настапот на „Макфест“ затоа што тоа ми беше една желба која што ја штиклирав за успешно исполнета, мојата нова песна „Бумеранг“ со која што се претставив на „Макфест“ и една убава турнеја која што ја имавме со трибјут бендот „Бело Копче-Bijelo Dugme“ на која бев ова лето во Босна и нормално сите оние секојдневни живи свирки кои што си ги имам редовно, затоа што секоја една од нив е нов убав спомен и убаво искуство за мене.

Музика24: За разлика од предходните неколку години, оваа година многуте музички фестивали (кои за среќа се уште постојат) понудија голем број на композиции и песни кои претендираат да бидат хитови. Која  според Вас песна ја одбележа 2023-та година и го заслужува епитетот Хит на годината?

Тијана Периќ: Мислам дека не би било фер доколку издвојам само една песна како „Хит на годината“ затоа што оваа година имавме навистина многу нови песни и се покажа напорната работа и трудот на артистите па така што голем дел од тие нови песни можат да го заслужат епитетот „хит“.

Музика24: Се приближува популарната новогодишна еуфорија кога секојдневно се случуваат забави, афтер парти, шопингувања… Во потрага сме по најубавиот подарок за најсаканите… Дали и Вас ви се случува во овој период од годината да бидете еуфорични, односно како делува целата новогодишна еуфорија на Вас и Вашето секојдневие?

Тијана Периќ: Би рекла дека порано многу повеќе ја чувствував таа еуфорија отколку сега, меѓутоа тоа мислам дека е поради тој музички живот што го имам и секој ден ми е забава, музика, луѓе, дружења па не правам некоја голема разлика помеѓу тие мои обични денови така поминати и овие денови кога наближува новата годината.

Музика24: Кога веќе ги споменуваме новогодишните подароци, како одбирате што да подарите, односно според што се водите кога бирате новогодишен подарок?

Тијана Периќ: Јас сум човек што обожава да купува и дава подароци, особено на луѓе што навистина ми значат. Доколку ја познавам личноста добро пола работа е веќе завршена. Доволно е да ги знам нејзините желби, вкус, карактер и тогаш многу лесно можам да најдам убав подарок од кој и јас, а и оној на кого го подарувам ќе бидеме задоволни и среќни.

Музика24: Денес е вистинска реткост некој да праша дали сте среќна личност? Дали практикувате да се интересирате за блиските луѓе што ги прави среќни и колку се трудите да стимулирате убаво расположение?

Тијана Периќ: Пред се да, себеси се сметам за среќна личност, а оние кои што ме познаваат лично знаат дека сум личност која што обожава да е околу луѓе и обожава да се дружи дури можам да кажам дека тоа е еден од начините каде што ги „полнам батериите“, па според тоа многу ми е убаво кога ќе можам да направам моите најблиски да се чувствуваат среќни и опуштени покрај мене, а и да се чувствува таа позитивна енергија што треба да ја има насекаде затоа што навистина се грижам за луѓето околу мене и секогаш кога можам да помогнам на било кој начин човек да се чувствува подобро, веднаш го правам тоа.

Музика24: Сите ние правиме грешки и никој не е безгрешен. Што е она што во 2023-та да имате можност би го смениле, или би посакале воопшто да не се случило?

Тијана Периќ: Не би го враќала ниту времето, ниту би менувала било што затоа што грешките се дел од нас и се нормални и потребни за да бидеме подобри, да научиме нешто од нив и на крајот од денот доколку смениме нешто од минатото или некоја наша грешка најверојатно нема да сме денес онаму каде што сме. Затоа се се случува со причина и треба да ги прифатиме и добрите и лошите работи што ни се случуваат и да не посакуваме да можеме да ги промениме.

Музика24: Која песна или рефрен деновиве го потпевнувате, односно, дали денот го започнувате со песна и музика?

Тијана Периќ: Секој ден, по цел ден ми е исполнет исклучиво со музика и песна затоа што студирам Музички факултет, имам настапи, освен тоа без музика не поминува ниту еден момент дур сум дома или со пријателите и најблиските така што музиката е целосно дел од мојот живот и секој ден и го почнувам и го завршувам со песна. А во последно време би ја издвоила „Man in the mirror“ меѓутоа cover-от кој што е направен на песната од „The Main Squeeze“, затоа што не ми излага од глава, постојано ја слушам периодов и постојано си ја потпевнувам.

Музика24: Дали се уште верувате во легендата за Дедо Мраз и дали за него имате годинава некоја порака?

Тијана Периќ: Во Дедо Мраз секако дека не верувам, меѓутоа верувам во тоа дека доколку силно посакуваме нешто кога-тогаш ќе ни се исполни. Јас нема да ги откријам кои се моите желби за следната година затоа што ги има повеќе, но оние кои што се поврзани со музиката кога ќе ми се остварат гордо ќе потврдам дека сум штиклирала уште нешто од листата на музички желби.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова, се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се Вашите пред се професионални планови и замисли и што би сакале да се случи ново на приватно поле во Новата 2024-та година?

Тијана Периќ: Во Новата година од мене ќе може да се очекуваат повеќе нови песни, но и по некој дует. Можеби повторно ќе бидам учесник на некој фестивал, но за тоа ќе имам доволно време да размислам и одлучам дали би сакала, се надевам дека ќе бидам дел од повеќе турнеи затоа што мислам дека поубаво нешто од тоа нема за еден музичар. Имам исто така замисла да почнам да настапувам со целосен бенд позади мене и секако има уште многу работи што се во план и се надевам силно дека ќе успеам да ги остварам барем поголемиот дел од нив во Новата 2024-та година.

Музика24: Наскоро не очекува дочекот на Новата 2024-та година, па каде планирате да ја дочекате и со кого?

Тијана Периќ: За денската прослава веќе имам договорен настап така што ќе ми биде и работа и забава, а за вечерта иако се уште не ни е договорено целосно, најверојатно ќе биде прослава со моите најблиски пријатели или во домашна атмосфера или на некоја забава.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз, без неговите ирваси, без даровите, но и без желбите. Кои се вашите желби за Новата 2024 година?

Тијана Периќ: Најбитно пред се што посакувам е да сме здрави и живи јас и моите најблиски, да сме среќни и исполнети, а се она што планирам на професионален план и што ми е желба, со нови сили ќе гледам да го остварам во наредната година.

Музика24: Со новогодишната порака би го завршиле овој забавен раговор, па ајде да чуеме на кој начин Вие ќе им ја честитате Новата година на вашите фанови, обожаватели, сите оние кои што Ве почитуваат и сакаат и секако на читателите на единствениот музички портал во Македонија, Музика24?

Тијана Периќ: Им посакувам на сите оние кои што го читаат ова новогодишно интервју, да бидат здрави, да бидат среќни, да шират љубов и насмевки, да им се исполнат сите нивни замислени желби, и најважно да бидат свои затоа што сите ние сме посебни по нешто што носиме во себе и што не прави поразлични од останатите, така што пронајдете го тоа што ве прави да бидете уникатни и негувајте го безусловно.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: