Културо

Роденденски концерт на оркестарот на Македонска филхармонија

Во четврток со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Азно“ со кој ќе одбележи 78 години од формирањето на институцијата. На роденденскиот концерт како солист ќе настапи Кирил Трусов, еден од најдобрите виолинисти на светската музичка сцена во моментов. Солистка е и македонската обоистка Гордана Јосифова Неделковска. Диригент е маестро Борјан Цанев, а на програмата се дела од Јохан Себастијан Бах, Макс Брух и П.И.Чајковски.

Како многу други концерти кои ги напишал Јохан Себастијан Бах, така и Концертот за виолина и обоа во де-мол претставува адаптација, односно транскрипција на концертите кои ги напишал за чембало. Рециклирањето на музиката за чембало која ја напишал Бах била вообичаена практика, со која дополнително се згуснувала изведбата на неговите дела. Разликите во партитурата напишана за чембало и мелодиските карактеристики наведуваат дека Бах го пишувал за два контрастни соло инструменти, кои силно сугерираат дека неговиот иницијален избор уште на почетокот биле виолината и обоата. Тие нудат имагинативна звучна комбинација, а нивните различни бои во овој концерт никогаш не бледеат. Концертот ја следи типичната италијанска барокна структура: има три ставови, брз-бавен-брз. Во него можат да се забележат и други инспирации од италијанскиот барок – креирањето мелодии во стилот на арија и силниот ритмички пулс.

Виолинскиот концерт во ге-мол е најизведуваното и најпознатото дело на германскиот композитор Макс Брух (1838–1920). Овој композитор зад себе оставил голем број други импресивни творби, но, поради нивната еклектичност, тие не се одржале на сцената. Концертот за виолина и оркестар во ге-мол е создаден во 1866 година, а премиерата се одржала под диригентство на композиторот. Се смета за најпопуларно дело за виолина и, заедно со „Шкотска фантазија“, за најдобро дело на Брух од целокупното негово творештво.

Петтата симфонија во е-мол (1888) на рускиот композитор Петар Илич Чајковски е своевиден филозофски автопортрет и во неа најсилно се изразени индивидуалните мисли и чувства и неговите апокалиптични сфаќања за животот. Симфонијата премиерно била изведена во Санкт Петербург во театарот „Марински“, под диригентство на самиот автор. Станува збор за циклична симфонија, во која првата тема е присутна во сите четири става. Во неа Чајковски трагедијата ја претвора во триумф, и од тој аспект многу силно потсетува на Бетовеновата Петта симфонија, бидејќи и во двете дела, главната тема најпрвин се јавува во мол, поминува низ различни тоналитети и на крајот се јавува во дур, како ослободување, како катарза, како конечно здогледување на светлина.

Можеби ќе ве интересира: