Музика на кирилица

По две години пауза Бојана се враќа на мак сцената со нов сингл

По две години пауза, што од лични причини, што од преокупација на други нешта во животот, познатата пејачка Бојана Атанасовска реши да се врати на македонската музичка сцена. Таа вчера во скопското кафуле “Ало, ало” го промовираше својот нов сингл едноставно насловен “Како можев” кој што е во брз и модерен ритам.Музиката и аранжманот се дело на познатиот Роберт Билбилов, додека текстот го напиша младата и нејзина најдобра другарка Ксенија Николова.

“Песната е во брз ритам, но мелодиската линија во неа носи длабока емоција. Ја работевме речиси два месеца. Бидејќи важам за голем перфекционист во работата, со мојот тим обрнав внимание на секој сегмент од нумерата”, изјави Бојана. Меѓудругото за новиот сингл наскоро ќе снима и видео спот, а истовремено ја најави својата посветеност и активност за снимање на нов музички материјал кој ќе се најде на носач на звук.

“Последниот албум го издадов пред пет години. Во меѓувреме промовирав неколку нумери и бев дел од фестивали. Во ова време навистина е тешко да се издаде албум, и тоа не само од финансиски аспект. Не постојат специјализирани емисии за промоција на нашата музика. Но верувам во подобри времиња за македонската музика”, додаде Бојана промовирајќи го новиот сингл. Бојана планира песната да ја промовира со серија настапи во клубовите низ земјава, кога публиката ќе ја потсети и на своите постари хитови.

Подготви: Катерина Митровска

Можеби ќе ве интересира: