Музика на кирилица

Распишан конкурсот за овогодинешното 24-то издание на “Охрид фест”

Советот на интернационалниот музички фестивал “Охрид фест – Охридски трубадури” го распиша конкурсот за 24-то издание, кое ќе се одржи во втората половина на месец август на кејот на Охридското езеро, пред хотелот “Нова Ривиера”. На конкурсот можат да учестуваат сите граѓани на Македонија кои до 10-ти мај ќе испратат демо снимка и текст на песната со назнака за Фолк вечер, за Поп вечер или Интернационална програма.

“Испратените материјали организаторот нема обврска да им ги врати на авторите, а примените нумери не можат да бидат повлечени. Организаторот на фестивалот има право да смени далови од текстот на песната и избраните композиции да ги стави на носач на звук при што авторите ги задржуваат своите мали авторски права”, известуваат организаторите.

На конкурсот за Интернационалната програма можат да учествуваат автори од Балканот и другите европски земји, со песни кои премиерно се изведени во 2017-та година или се премиерни композиции. На трите фестивалски програми ќе бидат доделени прва, втора и трета награда од публиката и жирито, како и специјалните награди за најдобар аранжман, за најдобар текст, за најдобра интерпретација, награда за најдобар дебитант, награда за најдобар сценски настап.

Раководството на интернационалниот музички фестивал “Охрид фест” нагласува дека и годинава истиот ќе се пренесува на повеќе балкански познати тв станици. По тој повод организаторот вели:

“Кај нас не постои друга музичка, па и културна манифестација која директно ја пренесуваат толкав број на странски медиуми. Ова е одличен потег за афирмација на македонската музика, на градот Охрид и воопшто на нашата држава Република Македонија. Досегашните изданија на фестивалот продуцираа аудиториум од над 200 милиони гледачи во 58 земји од Европа и од светот”, истакна Глигор Копров организатор на “Охрид фест”. Авторите, своите композиции треба да ги испраќаат на e-mail адресата на фестивалот.

Подготви: Александра Блажевска

Можеби ќе ве интересира: