Имам нешто да те прашам

Адријана Ацевска: Од Дедо Мраз сакам да ми ја исполни мојата неостварена желба (Фото+Видео)

Таа е една од попознатите македонски фолк пејачки. Пееше за кешот, пееше за мафијашот, за Дубаи, а годинава му посака да е проклет. Зад себе има голем број на познати хитови. Нема омилена песна, а со оглед на тоа дека има секоја вечер настапува секој ден и е Нова година. Ги обожува новогодишните празници, а за себе се смета за доста позитивна личност. Годинава најлудата ноќ ќе ја дочека во Австалија.

Почитувани, во најновото новогодишно интервју познатата македонска фолк пејачка Андријана Ацевска, или попозната како Адријана Кеш.

Музика24: Кон крајот од уште една интересна година редно е да сублимираме по што ќе ја паметиме… За волја на вистината поминавме кризи, инфлации, замрзнување-одмрзнување на цени, протести, но имаше и убави моменти, музички фестивали, нови хитови, убави и интересни концерти… Што Ви остана како белег, сеќавање на 2023-та година?

Адријана Ацевска: За моја среќа годинава која изминува ми беше доста успешна. Имав доста убави моменти, многу настапи… како најголем успех би го издвоила мојот прв настап на „Фолк Фест Валандово” и наградата која ја добив.

Музика24: За разлика од предходните неколку години, оваа година многуте музички фестивали (кои за среќа се уште постојат) понудија голем број на композиции и песни кои претендираат да бидат хитови. Која според Вас песна ја одбележа 2023-та година и го заслужува епитетот Хит на годината?

Адријана Ацевска: Имаше навистина многу убави песни и на фестивалите за забавна, а и на народна музика. Јас за жал според тоа колку ги следам фестивалите не можам да издвојам ниту една песна која станала хит… барем сеуште не… можеби е непишано правило песните да станат хитови после некоја година.

Музика24: Се приближува популарната новогодишна еуфорија кога секојдневно се случуваат забави, афтер парти, шопингувања… Во потрага сме по најубавиот подарок за најсаканите. Дали и Вас ви се случува во овој период од годината да бидете еуфорични, односно, како делува целата новогодишна еуфорија на Вас и Вашето секојдневие?

Адријана Ацевска: Со оглед на тоа дека секоја година овој период сме со настапи, мене секој ден ми е Нова година🙂 Ги обожавам претстојните празници, само што еуфоријата одамна поминала🙂

Музика24: Кога веќе ги споменуваме новогодишните подароци, како одбирате што да подарите, односно, според што се водите кога бирате новогодишен подарок?

Адријана Ацевска: Не чекам празник или некој посебен повод за да купам поклон. Обично купувам нешто кое ме потсетува на личноста, секогаш има значење.

Музика24: Денес е вистинска реткост некој да праша дали сте среќна личност? Дали практикувате да се интересирате за блиските луѓе што ги прави среќни и колку се трудите да стимулирате убаво расположение?

Адријана Ацевска: Се сметам за доста позитивна личност и секогаш во друштво или на мој настап знам доста умешно да ја помешам мојата позитивна енергија… Јас сум среќна и кога не сум, барем така ми велат 🙂

Музика24: Сите ние правиме грешки и никој не е безгрешен. Што е она што во 2023-та да имате можност би го смениле, или би посакале воопшто да не се случило?

Адријана Ацевска: Ништо не би сменила… имав многу грешки кои секако беа на моја штета, меѓутоа, човек учи на сопствените грешки, така да извлеков многу добра поука.

Музика24: Која песна, или рефрен деновиве го потпевнувате, односно дали денот го започнувате со песна и музика?

Адријана Ацевска: Па нели е Нова година… „All I want for Christmas is you”.

Музика24: Дали се уште верувате во легендата за Дедо Мраз и дали за него имате годинава некоја порака?

Адријана Ацевска: Верувам во Дедо Мраз 🙂 И со оглед на тоа дека оваа година бев многу добра се надевам дека ќе ми ја исполни мојата неостварена желба која сега за сега само јас и тој ја знаеме 🙂

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова, се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се Вашите пред се професионални планови и замисли и што би сакале да се случи ново на приватно поле во Новата 2024-та година?

Адријана Ацевска: На професионално поле ми останаа многу недовршени работи… три видео записи кои беа планирани за оваа година остануваат за наредната, проекти и секако изненадувања за оние кои секојдневно ми даваат поддршка, а тоа е мојата публика.

Музика24: Наскоро не очекува дочекот на Новата 2024-та година, па каде планирате да ја дочекате и со кого?

Адријана Ацевска: Оваа година на мое огромно задоволство ќе се дружам со македонците во Австралија. Наскоро заминувам на едномесечна турнеја во сите поголеми градови низ Австралија.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз, без неговите ирваси, без даровите, но и без желбите. Кои се вашите желби за Новата 2024 година?

Адријана Ацевска: Во Новата година имам само една желба, а тоа е да ни се остварат сите желби кои не се купуваат со пари.

Музика24: Со новогодишната порака би го завршиле овој забавен раговор, па ајде да чуеме на кој начин Вие ќе им ја честитате Новата година на вашите фанови, обожаватели, сите оние кои што ве почитуваат и сакаат и секако на читателите на единствениот музички портал во Македонија, Музика24?

Адријана Ацевска: Бидете среќни онолку колку што посакувате. Бидете радосни онолку колку што сакате. Бидете здрави онолку колку што треба. Сакајте и бидете сакани… Среќна нова година! 🙂

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: