Имам нешто да те прашам

Ивана Нолчева: Го живеам мојот сон (Фото)

Авалон продукција досега на повеќе наврати се докажа и покажа дека го заслужува местото број 1 во Македонија и на Балканот за организирање и реализирање на концерти и големи музички настани. Но Авалон не би бил тоа што е денес доколку во нејзиниот тим не е и девојката која е задолжена за ПР делот, едноставно го живее и работи својот сон. Ивана Нолчева со ексклузивно интервју за музичкиот портал Музика24. Уживајте!

Музика24: Веќе четири години како јавноста и речиси сите новинари и медиуми те познаваат како Ивана ПР на Авалон продукција, но која е всушност Ивана Нолчева? Која е таа интересна девојка со симпатична насмевка, секогаш позитивна и секогаш расположена како за соработка така и за дружење?

Ивана: Секогаш се трудам да бидам насмеана и да ширам позитивна енергија, без оглед на тоа каков ми бил денот. Таква сум кога сум на работа и приватно со најблиските. Тие што добро ме познаваат, знаат дека насмевката ми е еден вид заштитен знак (се смее).

Музика24: Сите ние сме биле понекогаш мирни, понекогаш палави деца. Какво дете беше Ивана? Дали можеби од оние мирните и повлечени или пак малку палаво девојче кое што уживаше во своето детство?

Ивана: Имав убаво и спокојно детство, бев палаво дете и едно од омилените на комшиите во маало. Растев во 90-тите, во време каде немаше мобилни телефони, фејсбук, твитер и инстаграм, туку жмурка, народна, ластик, споменари и слични детски игри кои ни го окупираа вниманието. Враќајќи се наназад со годините, благодарна сум што детството ми беше прекрасно, другарките со кои го поминував тоа убаво време ми се присутни во животот и до денес секојдневно се дружиме.

Музика24: Со каква музика порасна? Што е тоа што и ден денес знаеш да го пуштиш додека си на работното место или пак дома и да уживаш во омилената музика?

Ивана: Строго со рок! Овде морам јавно да му се заблагодарам на мојот прекрасен татко кој уште од мала ме учеше што е добра музика. Благодарение на него, растев со музиката на Pink Floyd, Deep Purple, Led Zeppelin, The Rolling Stones, Whitesnake, The Police итн, а посебно бев среќна кога ќе ставеше некоја плоча во грамофонот од Bijelo Dugme или од Леб и Сол. Музиката ме одржува во живот, таа е дел од моето секојдневие. Без неа не верувам дека некој би можел да опстои.

Музика24: Со што вообичаено го започнуваш денот и што е она што може да те направи среќна и исполнета во текот на целиот ден?

Ивана: Немам некоја посебна дневна рутина. Денот ми почнува со голема шолја кафе, а бидејќи сум спанка, најчесто првото кафе го пијам на работа со колегите, а со тоа и се подготвувам за тековните обврски што ми следат. Задоволна сум кога она што сум го замислила и го имам како работна задача, ќе го завршам баш како што сум го планирала. Во принцип, јас никогаш не се откажувам и секогаш сакам да ги истерам сите работи докрај, најдобро што можам. Учам од новите искуства, сакам да напредувам и секогаш се трудам да го дадам максимумот од себе.

Музика24: Како и сите ние, веруваме дека и ти додека си на работното место брзаш што побргу да ги завршиш своите обврски. Но, што прави Ивана после работното време? Би сакала да се дружи со своите блиски, пријателите, да замине на мала прошетка, да слуша добра музика… или пак едноставно сакаш да се одмориш од се она што го донел денот?

Ивана: Па искрено слободно време и немам баш многу, со оглед на тоа дека ние во Авалон немаме фиксно работно време и постојано сме онлајн и во комуникација со агенти и менаџери на артисти поради различните временски зони. Особено кога се наближува некој концерт, повеќе време поминувам во сала или на стадион (во зависност од тоа каде се одржува концертот) отколку дома. Кога имам слободно време најчесто го поминувам со пријателите, во прошетки заедно со моето куче или гледам серии на Нетфликс. Тоа најмногу ме опушта и ме смирува, особено кога имам тежок и напорен ден.

Музика24: Веруваш ли во љубов на прв поглед?

Ивана: Не верувам во љубов на прв поглед, но во силна привлечност на прв поглед – да.

Музика24: Што е пак она без кое што не би можела да го замислиш еден ден?

Ивана: Не можам да си го замислам денот без кафе, без музика, без мојот Бардолф кој сите го знаат како Мисирко и без да се чујам со моите најблиски минимум три пати во текот на денот.

Музика24: Сите знаеме дека македонската музичка сцена на овој или оној начин во моментот е во стагнација. Работејќи секојдневно со и покрај музички професионалци, кое е твоето мислење за сето она што се случува на македонската забавна музичка сцена и што е она што сметаш дека би ја променило барем малку целата таа ситуација?

Ивана: Па не би рекла дека е во стагнација, имаме музичка сцена, имаме супер пејачи и бендови, но далеку е од тоа време што беше порано. Постојат повеќе фактори кои треба да се променат работите за да имаме вистински здрава музичка сцена. Прво, ни недостасуваат музички емисии со добри продукции. Со една емисија посветена на домашната музичка сцена која се емитува на национален сервис, или пак, некоја во дебатна емисија која обично инцидентно се случува, навистина ништо не можеме да направиме. Потребно е сопствениците на телевизиските куќи малку да размислуваат и во таа насока и да инвестираат во квалитетни музички проекти со добри продукции, бидејќи ни се случувало многу пати артист кој настапува во Македонија да немаме каде да го однесеме на интервју, токму поради оваа причина, па мораме да импровизираме. Второ и не помалку важно е дека македонската музика неопходно е да се емитува во прајм тајм, а не после полноќ колку да се пополни простор. Трето, менаџмент. Имаме толку добри артисти на кои им недостасува добар менаџмент, тим којшто ќе се бори со сите сили за да им ја насочи кариерата во вистинскиот правец. Има и други фактори, но доколку се имплементираат барем овие нешта, можат работите да тргнат на подобро.

Музика24: Досега поминаа голем број на светски музички имиња кои Вие како Авалон продукција ги донесовте во Македонија. Какво е чувството да се работи и да се соработува со еден Lenny Kravitz, Sting, David Guetta, Enrique Iglesias… дали тоа се можеби реално кренати и “вообразени” музички ѕвезди кои живеат во својот свет и филм, или пак се едноставно премногу обични и човек може со нив лесно да соработува?

Ивана: Предизвик е кога директно си врзан да работиш со такви големи имиња, но пред се е голема обврска. Секој артист е различен карактер, обично постарите и поискусните ѕвезди се поскромни и имаат време за тебе како промотер, отколку помладите. Се разбира, има и исклучоци. Артистите најчесто доаѓаат дента на концертот, настапуваат и си одат, но некои знаат и да дојдат порано неколку дена (во зависност од слободното време и распоредот на настапи) како што тоа беше случај последно со Лени Кравиц. Дојде два дена порано, го прошета Скопје, се дружеше со фановите два дена, направи одлично видео од Старата скопска чаршија, кое се рашири насекаде како вирус и целата негова база на фанови ширум светот го виде Скопје. Поубава промоција за туризмот, мислам дека нема од тоа. Стресна е нашава работа, полна е со адреналин и во тоа е нејзината убавина, но не може секој да ја работи. Сепак, кога ќе го видиш задоволството од успешно завршениот проект кај странците и кај публиката, тоа е доволен мотив да продолжиш да го работиш тоа уште подобро.

Музика24: Кои се нивните најкарактеристични барања кои ги даваат самите музички ѕвезди или нивните менаџери за да дојдат во Македонија или да имаат концерт некаде на Балканот? 

Ивана: Нема лесна или тешка работа, има само работа која мора да се заврши ако сакаш да имаш успешен настан, а за тоа потребен е пред се добар и искусен тим. Реализацијата на еден концерт е доста сложена и зависи од многу фактори. Работата на тоа бара голема жртва, искуство, подготвеност да се реши било каков проблем или ситуација доколку има, во моментот, посветеност и тоа со месеци, како и интензивна комуникација со менаџментот на артистите. Доколку сето тоа што странците го бараат се исполни пред да дојде артистот во сала, работата е веќе завршена.

Музика24: Кој концерт од досегашните на кои што имаш работено можеш да го издвоиш како еден кој што тебе ти оставил најголем впечаток?

Ивана: Сите концерти на кој имам работено ми се подеднакво драги, бидејќи со ист интензитет им се посветувам во работата.

Музика24: Кога би можела и имала можност, кои светски музички имиња би ги донела во Македонија да оддржат свој голем концерт

Ивана: Благодарение на Авалон, јас мојот сон го живеам, а тоа е работа со големи музички имиња од светската музичка сцена. За овие четири години како дел од тимот на Авалон, имам сработено 80-тина концерти на домашни и странски артисти, но сепак мој личен предизвик е да работам во организација на масовни проекти. Ако ме прашувате лично мене кои имиња би сакала да ги видам во моето родно Скопје, тоа се: Metallica, Rammstein, Roger Waters, Depeche Mode, Foo Fighters… засега (се смее).

Музика24: Минатата година Авалон продукција прослави 25 години од своето постоење. На македонската публика им приредивте успешни 25 концерти, 25 интересни и убави приказни и доживувања кои не можат да се опишат со зборови. Знаејќи веќе дека светските музички агенти и менаџери сами ве контактираат за соработка и концерти во Македонија и на Балканот, што Авалон продукција ни подготвува за остатокот од оваа 2019-та година?

Ивана: Минатата година постигнавме рекорд, направивме 25 концерти на различни изведувачи, две турнеи низ Балканот и фестивалите Skopje Calling и Ohrid Calling. Беше напорно, но го оправдавме тоа што го ветивме и задоволни сме од сработеното. Годинава одлучивме темпото да го намалиме, но не и квалитетот на настаните. Почнавме со концертите на Каролина и Македонската филхармонија, следеа концертите на Tom Odell, направивме балканска турнеја со Hooverphonic од кои два концерта во Скопје што се распродадоа веднаш, се случи првиот солистички концерт на нашите Funk Shui, феноменалното шоу на Lenny Kravitz, направивме стадионски концерт на Sting, сега се подготвуваме за фестивалот Ohrid Calling и концертите на Eros Ramazzotti и Bryan Adams но се разбира дека тука нема да застанеме. Не очекува уште едно издание на евентот All You Need is Love и работиме на агендата за следната концертна сезона.

Музика24: И за самиот крај на ова интервју, како и на кој начин би ги поздравила читателите на музичкиот портал Музика24.мк?

Ивана: Правете го тоа што ве прави среќни, одете на концерти, ширете позитивна енергија, бидете секогаш насмеани и нормално, слушајте добра и квалитетна музика!

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Фото: Stefan Rajhl

Можеби ќе ве интересира: