Имам нешто да те прашам

Иван Беќковиќ: Сакам да им подарувам на луѓето работи кои можат да ги направат среќни (Фото)

Тој е еден од најдобрите и најпознатите македонски музички новинари. Што би би рекле ние, од него треба да се учи како треба. Беше уредник и сопственик на првиот музички портал во Македонија МММ.ком.мк, еден е од најпознатите и најчитаните, кој за жал веќе не постои. Освен останатите обврски, денес е и единствен и ексклузивен претставник на големата Кроациа Рекордс во нашата држава. Новата година за него претставува можност за дружење со семејството и најблиските на кои им го подарува она знаејќи што ќе ги направи среќни.

Почитувани читатели, ексклузивно и новогодишно интервју со еден од најголемите музички новинари во Македонија, Иван Беќковиќ.

Уживајте во интервјуто!

Музика24: Кон крајот од уште една интересна година редно е да сублимираме по што ќе ја паметиме… За волја на вистината поминавме кризи, инфлации, замрзнување-одмрзнување на цени, протести, но имаше и убави моменти, музички фестивали, нови хитови, убави и интересни концерти… Што Ви остана како белег, сеќавање на 2023-та година?

Иван Беќковиќ: Најнапред благодарам за укажаната чест и отстапениот простор да кажам збор-два, иако мислам дека посоодветно е некој од естрадата да го имаше моето место сега.
Сума-сумарум – зад нас е една тешка година која што поскоро би сакал да ја заборавам, од сите аспекти. Ќе ја паметам по неколку добри книги, меѓу кои мене најзначајната „Кронике сретних тренутака“ на хрватската режисерка и театролог Сњежана Бановиќ.

Музика24: За разлика од предходните неколку години, оваа година многуте музички фестивали (кои за среќа се уште постојат) понудија голем број на композиции и песни кои претендираат да бидат хитови. Која песна според Вас ја одбележа 2023-та година и го заслужува епитетот Хит на годината?

Иван Беќковиќ: Морам да Ве разочарам, одамна не ја следам македонската музичка сцена. Сигурно десетина години веќе, откако МММ престана да функционира. Ако морам да се напнам, Цеки имаше убава песна за Скопје, Џамбазов и Харе симпатична преработка на турбо-хитот „Жаклина“. Другото или не сум слушнал, или не ми фати увце.
Како некој кој работи како супервизор во најголемата дискографска куќа во регионот / Кроација Рекордс ќе обрнам внимание на некои феноменални албуми. Дебитанските на Христина „Бедем“ и Mahkey – „Osobni karton izbjeglice“ се мали ремек-дела. Англискиот албум на Миа Димшиќ „Монолог“ разбива…
4 Аса имаа извонреден двоен албум, „Парни ваљак” со новиот пејач Игор неколку одлични сингла. Синот на легендарниот Аки Рахимовски – Кики има нов сингл „Киша је падала“ кој деновиве ќе го промовираме во Скопје. И, секако по ФЕНОМЕНАЛНОТО реиздание на „Као какао“ на „Леб и сол”, по 35 години пак на грамофонска плоча.

Музика24: Се приближува популарната новогодишна еуфорија кога секојдневно се случуваат забави, афтер парти, шопингувања… Во потрага сме по најубавиот подарок за најсаканите… Дали и Вас ви се случува во овој период од годината да бидете еуфорични, односно како делува целата новогодишна еуфорија на Вас и Вашето секојдневие?

Иван Беќковиќ: Нови години, родендени, имендени…, одамна престанаа да ми значат во животот. За мене тоа се само обични броеви, евентуално мали тајм-аути до нови победи. А, денес победа е ако успееш среќен да заспиеш и жив и здрав да се разбудиш. Нова година е и прилика семејството да биде заедно 2-3 дена, а после секој по своја работа. Природа на мојата работа е да функционирам од дома, а како „домашен глушец“ одлично се снаоѓам со четири мачки, домашни галеници…

Музика24: Кога веќе ги споменуваме новогодишните подароци, како одбирате што да подарите, односно според што се водите кога бирате новогодишен подарок?

Иван Беќковиќ: Едноставно, сакам да им подарувам на луѓето работи кои можат да ги направат среќни, барем за миг.

Музика24: Денес е вистинска реткост некој да праша дали сте среќна личност? Дали практикувате да се интересирате за блиските луѓе што ги прави среќни и колку се трудите да стимулирате убаво расположение?

Иван Беќковиќ: Мојата среќа е поголема доколку моите најблиски се среќни и задоволни. Но, тоа е менлива категорија. А за стимулансите… Како пееше Аки – „кад имаш избора онда ти не треба кемија…“. Љубов, само љубов.

Музика24: Сите ние правиме грешки и никој не е безгрешен. Што е она што во 2023-та да имате можност би го смениле, или би посакале воопшто да не се случило?

Иван Беќковиќ: Посакувам многу нешта да сменам, а уште повеќе да не се ни случиле. Но, ништо од тие „нешта“ не зависеле од мене, така да…

Музика24: Која песна или рефрен деновиве го потпевнувате, односно, дали денот го започнувате со песна и музика?

Иван Беќковиќ: Не само денот, туку и ноќта, и сонот ми се музика. Ја спомнав Христина. Ме фасцинираат зборовите во нејзината песна „Децембар“ – Hoću da budem sam sa sobom, ne tražim mnogo…

Музика24: Дали се уште верувате во легендата за Дедо Мраз и дали за него имате годинава некоја порака?

Иван Беќковиќ: Многу би сакал да верувам во Дедо Мраз, ама, нашите животи не се бајки.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова, се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се вашите пред се професионални планови и замисли и што би сакале да се случи ново на приватно поле во Новата 2024-та година?

Иван Беќковиќ: Во 2024 продолжувам она што го работев во оваа година. Работа на супервизор на Кроација Рекордс за Македонија и уредник на порталот на Српскиот културно-информативен центар СПОНА. А приватно, да сме живи и здрави сите.

Музика24: Наскоро не очекува дочекот на Новата 2024-та година, па каде планирате да ја дочекате и со кого?

Иван Беќковиќ: Традиционално, за пречекот на секоја Нова година сум дома. Децата пораснаа, па веројатно ќе отидат со свои друштва. Јас и Маја пред ТВ. И, сеир…

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз, без неговите ирваси, без даровите, но и без желбите. Кои се вашите желби за Новата 2024 година?

Иван Беќковиќ: Желбите се обични, од срце. Живи и здрави. Без тоа никаде не можеме. За моите најблиски, пријатели, и за сите на планетава.

Музика24: Со новогодишната порака би го завршиле овој забавен раговор, па ајде да чуеме на кој начин Вие ќе им ја честитате Новата година на сите оние кои што ве почитуваат и сакаат и секако на читателите на единствениот музички портал во Македонија, Музика24?

Иван Беќковиќ: На музичкиот портал Музика24 му посакувам многу читатели, добри вести, и реклами. Без нив ништо. Здравје да ве служи. И многу љубов. И да давате, и да добивате.
Среќна Нова. Верувам дека ќе биде подобра од оваа.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Фотографиите се снимени во просториите на Croatia Records во Загреб.

Фото: Никола Кнежевиќ

Можеби ќе ве интересира: