Музика на кирилица

Директорот на Канал5, Иван Мирчевски открива: Наскоро ќе се случи нешто што не сте го “гледале” одамна

Неодамна, без ниту некоја голема фама или помпа беше најавено стартувањето на емисиите на “Гранд” на Сител телевизија, ден-два пред емитување на новите и премиерни емисии на “Ѕвездите на Гранд” и “Никогаш не е доцна”. И покрај обидите да исконтактираме со Игор Мурговски, еден од одговорните за програмата на тв Сител, тој упорно не креваше на нашите повици, сакајќи да ја слушнеме и дознаеме реакцијата и коментарите од нивна страна, сепак од сето тоа – ништо. По тој повод се обидовме да исконтактираме со директорот на Канал 5 телевизија, Г-нот Иван Мирчевски кој пак од прва ни одговори.

Тој неодамна за Музика24 изјави дека ќе има санкции и реперкусии како за медиумот кој ќе започне со ре-емитување на веќе споменатите тв емисии, така и за натпреварувачите кои и покрај потпишувањето на изјавата за не појавување на друг медиум и тв шоу сепак наместо на Канал 5 сега се појавуваат во истите емисии, но на тв Сител, што е казниво според изјавата и договорот кои истите тие го имаат потпишано.

Музика24: Веќе неколку емисии од “Гранд” се ре-емитуваа на тв Сител, официјално од Ваша страна се уште нема никакви реакции. Кажете ни што се подготвувате како реакција и одговор од она што го најавивте минатиот пат и до каде е целата таа работа?

Иван Мирчевски: Се подготвуваат документи за соодветни судски поднесоци во Србија и во Македонија… сега за сега не можам да откријам повеќе детали. На една страна е Гранд продукција и една наша домашна телевизија, која пак според мое лично убедување, повторно по кој знае кој пат, „одигра нееснафски“, а тие добро знаат што мислам со ова.
Но истата ТВ веќе и официјално е предупредена со укажување, така да во евентуален судски спор кој сигурно ќе го покренеме не ќе може да се „вадат“ дека не биле запознаени со ситуацијата – а таа според нашите сомнежи е – неосновано и „реваншистичко“ раскинување на договорот од страна на Гранд Продукција. Да повторам , Канал 5 има сериозни сомнежи, не тврдиме ништо, но знаеме со какви докази располагаме и какви се законите и во Македонија и во Србија, и очекуваме надлежните судови да си ја завршат работата брзо и правично.
Од друга страна пиратеријата е широко распространета и веќе се информирани дел од амбасадите во Македонија кои се фрапирани од доказите кои им ги покажавме. Ќе се алармираат и други земји од Европска Унија, дури и размислуваме за евентуално активирање на обвинителските инстанци на ЕУ. ТВ пиратеријата ги има преминато сите можни граници, и тука имаме сериозен сомнеж дека ќе има неколку поврзани правни лица од Европа. Планираме и наскоро ќе одржиме и една прес конференција на која ќе бидат поканети амбасадите на сите засегнати земји од оваа пиратерија, но и нашите надлежни институции, затоа што јурисдикцијата на договорот со таа компанија за кои имаме материјални докази дека вршела пиратерија во целиот свет е во Македонија, а не во една земја членка на ЕУ каде е седиштето на таа компанија. Ќе биде интересно.
Па ајде време е, после сите критики од Амбасадата на САД и ЕУ за голема корупција, да видиме како ќе реагираат нашите надлежни институции пред нашите нотарски заверени факти – пред кои и „Боговите“ молчат. Дополнително на таа прес конференција ќе бидат поканети и странските дистрибутери, па нека види цела Европа и целиот свет дали некој нечесно заработува пари на грбот на Продуцентите од С.А.Д. и Европа, на грбот на Телевизиите и на крај најважно – на грбот на претплатниците кои плаќаат за делови или цели програми кои продавачот нема(л) право да им ја продаде.

Музика24: Во неодамнешниот разговор ни спомена дека сите натпреварувачи од Македонија кои ќе се натпреваруваат, односно, ќе се појават на емисиите од “Гранд” а веќе истите потпишале изјави со Канал 5 тв за не-учество и не-појавување на друг медиум во овој случај тв Сител, ќе бидат санкционирани и казнети според договорот што го потпишале со Вас. Што е она што го планирате со сите овие натпреварувачи, знаејќи дека дека веќе емисиите се емитуваат, а досега доста македонски натпреварувачи се имаат појавено и ќе се појавуваат во споменатите емисии?

Иван Мирчевски: Мене ми е навистина жал, но и тоа е некоректно од сите сегашни чинители во овој процес. Гранд продукција преку свој претставник правеше аудиција во студиото на Канал 5 – тоа е факт, за тоа имаме и снимки кои и тие, Гранд си ги користеа – и тоа е факт, имаме и потпишани изјави од учесниците дека се свесни дека потпишуваат учество на аудиција за програма која ќе се емитува на Канал 5 ТВ – и тоа е неоспорен факт.
Чуму инаку би влегле ние како Канал 5 ТВ во дополнителнии сериозни трошоци и зошто Саша Поповиќ бил во Канал 5 ова лето и би правел аудиција? Да не бил на поминување накај Охрид, па онака, случајно навратил до нашата ТВ за да ни направи една, „од рака“ аудиција? Глупости. Имам и голема забелешка за поголемиот дел од самите учесници (не сите) кои влегле преку аудицијата во Канал 5. Знаат дека имаат потпишано изјави…
Инаку и Гранд продукција и Сител се преупредени со писмен акт за овој момент со натпреварувачите, така да сега ги собираме доказите и ќе видиме какви и спрема кого ќе преземеме одредени правни лекови. Дали сме ние во право или не, ќе докажуваат судовите, но знам дека имаме факти и материјални докази и знам дека наредниов период ќе биде многу интересен… особено за некого во Македонија.
А замислете го и ова – до мене стигнаа информации дека натпреварувачите добивале текстуални пораки да не потпишуваат никаков договор со Канал 5, но праќачите на истите, можеби се од Гранд Продукција, не можам да тврдам, не знаеле дека таа работа веќе е завршена и дека малку е доцна за овие некоректни „совети“.

Ние од Музика24 продолжуваме да ја следиме приказната околу сето ова случување со нелегалното прекинување на договор со Канал 5 телевизија, ре-емитувањето на емисиите на “Гранд” на друг македонски медиум во случајот Сител телевизија и недозволеното ре-емитување на македонски тв канали низ Балканот и светот.

Можеби ќе ве интересира: