Во прв ред

После 34 години „Нови фосили“ емотивно ја разбудија македонската публика (Фото+Видео)

Во организација на Вајб продукција, на 9-ти април во Македонската филхармонија се одржа долго најавуваниот и долго очекуван концерт на легендарните „Нови фосили“.

После неколку минутен емотивен инструментален вовед на концертот од страна на придружните членови од групата, на сцената се појавија ѕвездите, пејачката Сања Долежал и гитаристите Маринко Колнаго и Владимир Кочиш-Зец. Тие од македонската публика беа пречекани со огромни овации и аплауз кој траеше се до почетокот на првата песна „Да те не волим“ со која што и всушност започна овој скопски концерт кој што се случува после 34 години.

„После 34 години повторно со Вас, тоа е навистина прекрасно. И морам да Ви признаам, дека кога вака подобро ќе Ве погледнам, богами сме остарени. Пред 34 години бевме помлади, нешто повитки, Зец имаше црна виткана коса. Денес од тоа му остана само големиот нос. Што се смеете? А Маринко, Маринко пред 34 години беше висок, голем, црн со бркови. А погледнете го денес. Само ќе ви кажам дека е повозрасен дури и од Миг Џегер. Вечерва нема многу да зборувам, се надевам. Нека вечерва биде голема фешта како во старите добри времиња“, се обрати пејачката Долежал кон публиката и продолжија со концертот.

Интересно е тоа што за време на концертот на неколку наврати меѓусебно Сања, Маринко и Зец се шегуваа на своја сметка, за годините кои поминале, за младоста, за одредени хитови, девојките, за првата песна на „Нови фосили“… се со цел публиката да ја анимираат, опуштат и насмеат. За време на концертот Сања се симна од сцената и без било каква претпазливост се движеше низ публиката, се фотографираше со своите фанови и сите заедно ги пееја нивните големи хитови.

„Ги гледам истите девојки во публиката како пред 35 години. Маринко, Зец, ова се вашите девојки од Скопје. Но, се радувам што гледам и млади кои не биле родени кога ги пеевме овие песни“, кажа пејачката Долежал.

„Најдраже моје“, „Тонка“, „Шути, мој дјечаче плави“, „Плава кошуља“, „Деца љубави“, „Невени жути, жути“… беа само дел од песните кои „Нови фосили“ ги отпеаа пред македонската публика и своите фанови. Дел од концертот со најубавите балади и хитови од она старо и убаво време беа посветени на членовите на групата кои повеќе не се со нас.

„Овој блок на песни е за сите оние кои не се со нас. За Ѓурѓица, за Рајко, за Мока и за мојот Нено“, рече Сања Долежал. Со тоа тие им одадоа почит на првата пејачка Ѓурѓица Барловиќ, на Рајко Дујмиќ кој ги напиша најголемите хитови на групата, на првиот тапанар Слободан Момчиловиќ-Мока и на нејзиниот сопруг Ненад Шариќ, кој го замени Мока на тапани, а почина во 2012 година.

Некаде пред самиот крај на концертот тие ги отпеаа најголемите, најпознатите и најубавите хитови на „Нови фосили“.

И крајот на концертот на би бил крај доколку тие, единствените, неповторливи и оргинални „Нови фосили“ не се вратат на бис. Тогаш тие ја отпеаа одличната „Небеска кочија“, а пејачката Сања како и за целовреме на концертот, така и на крајот се пошегува на своја сметка и рече: „Луѓе, не можеме ние повеќе. Не носам штикли веќе 10 години, сега и балетанките ме стегаат“.

На самиот крај и Сања и Маринко и Зец се заблагодарија на македонска публика, и ветија дека нема да чекаат да поминат уште 34 години, и дека наскоро повторно ќе се дружат со сите нивни фанови во Македонија.

„Ви благодарам што заедно се вративме во старите добри времиња“, рече Долежал на крајот од концертот.

И ние искрено се надеваме и искрено веруваме дека нема да чекаме 34 години за следниот нивни концерт. Благодарност до организаторите Вајб продукција за укажаната можност и доверба.

Подготви: Иван Јосимовски

Фото: Горан Десковски

Можеби ќе ве интересира: