Во прв ред

Светски познатиот Стинг доаѓа во Скопје

Нашите соработници од Авалон продукција, со голема чест и задоволство ве информираат дека на Македонија ќе и се случи најголемиот концерт во нејзината досегашна историја. Имено, во рамките на големата светска турнеја “57th & 9th”, по повод истоимениот албум, на 15-ти октомври во арената “Борис Трајковски” во Скопје, концерт ќе одржи едно од најголемите светски музички имиња на сите времиња – Стинг.

Тој заедно со The Rolling Stones, Bruce Springsteen, U2, Depeche Mode, Coldplay… е претставник на таканаречената А листа на артисти од областа на рок музиката. Стинг е веќе на промотивна светска турнеја од февруари годинава, во која ги опфаќа сите континенти. Дел од летото му е резервирано за Европа, а на почетокот на септември настапува во Јужна Америка, додека во Европа повторно се враќа со серија на концерти од средината на септември до крајот на октомври.

На оваа турнеја, Стинг свири неколку песни од навистина извонредниот нов албум, како и најголемите хитови од неговата соло кариера: “Fragile”, “Desert Rose”, “Fields of Gold”… како и од времето на легендарната група The Police: “Message in the bottle”, “Walking on the moon”, “Every breath you take”… Lineup-от на неговиот придружен состав е како и секогаш со најпознати и најквалитетни светски музичари: Dominic Miller (гитара), Josh Freese (тапани), Rufus Miller (гитара). Kако специјален гостин во Скопје како и на целата турнеја, со свое шоу пред настапот на Стинг, ќе настапи и Joe Sumner.

Авалон Продукција го потврди концертот на Стинг во Скопје на 05-ти мај, а според инструкциите на менаџментот, како ден за објава на ова шоу е одбран токму денешниот ден. Сите информации поврзани околу продажбата на влезниците за овој навистина голем настан ќе бидат објавени вечерва во 20 часот. После повеќе од 200 концерти низ целиот Балкан, посебно не радува фактот што сепак, врвот во досегашната работа на Авалон Продукција ќе претставува концерт на Стинг на 15-ти октомври во нашата држава Македонија, во Скопје.

Подготви: Марија Поповска

Можеби ќе ве интересира: