Ексклузивно: “Санта Есмералда” доаѓа на “Охрид фест 2018”

Годинава фестивалот “Охрид фест” полни 25 години, и ќе се одржи од 5-ти до 7-ми септември на летна сцена пред хотелот “Ривиера” во Охрид. Програмата ќе биде сочинета од Фолк вечер, Поп вечер и Интернационална вечер, годинава со одредени новости во програмата. Ексклузивните гости годинава “Санта Есмералда” ќе гостува во Интернационалната вечер со свое шоу. Оваа позната американско/француска диско група е формирана во 1970-тите, а најпозната е по хит диско римејкот на песна од 1960-тите “Don’t Let Me Be Misunderstood” и “House of the Rising Sun”.

Оригинален пејач на групата беше Лерој Гомез во 1977/1978 година, кого потоа го замени пејачот Џими Гоингс од крајот на 1978 до 1983 година, но Лерој се врати од 1990-тите, и тој остана пејач до ден денес. Групата е основана во 1977 година од страна на француските продуценти Николас Скорски и Жан Мануел де Скарано, текстописци кои покренаа сопствена етикета со цел да создадат уметници кои ќе ги снимаат своите композиции. По средбата со пејачот Лерој Гомез, во Париз, дуото го регрутираше за првиот албум на групата “Don’t Let Me Be Misunderstood”. Ненадејниот успех во Европа, им ја донесе среќата плочата да биде дистрибуирана низ целиот свет, од страна на “Казабланка Рекордс”.

По богатата две децениска кариера, во 2004 “Санта Есмералда” го објавија албумот “Најголемите хитови”, во кој се претставени нови снимки од диско хитови на бендот. Во 2003 година, песната “Don’t Let Me Be Misunderstood” се појави како саундтрак во познатиот филм „Убиј го Бил“ – прв дел. Фестивалот ја има честа да ја нагости оваа група во Интернационалната вечер, на која ќе одржи свое шоу. Конкурсот за нови композиции за Фолк и Поп вечерта е отворен до први јуни.

Подготви: Редакција Музика24

Повеќе на Музика24...