Фестивали

“Фолк Фест Валандово 2019” со одлична музичка програма од 27-ми до 31-ви мај (Фото)

Како и секоја година, така и оваа во градот на калинките ќе се одржи 34-то издание на еден од најстарите музички фестивали во Македонија “Фолк Фест Валандово”. Оваа година новитет е тоа што пред самото официјално стартување на фестивалот, за македонската публика и за сите оние кои што ја негуваат македонската народна песна, ќе бидат организирани три офф концерти/вечери на познати македонски музички имиња.

На 27-ми мај на плоштадот во центарот на Валандово, на сцената ќе настапи Ѓоко Јовиќ заедно со групата Енерџи Бенд со почеток во 21 часот, исто таков концерт ќе следува и следниот ден на 28-ми мај кога на истата сцена ќе настапи групата Астра Бенд, и последниот ден од офф програмата на Валандовскиот фестивал ќе настапи познатата македонска фолк пејачка Сузана Гавазова со своите препознатливи хитови на истата музичка сцена со почеток во 21 часот.

Што се однесува до официјалниот дел на овогодинешното издание на “Фолк Фест Валандово”, истото ќе стартува на 30-ти мај во салата “Јанко Узунов” со првата и ревијална вечер за кога организаторите најавуваат интересни новитети, меѓукој и тоа дека истата таа вечер ќе биде отворена од минатогодишниот победник Благица Калева, а потоа ќе стартува и ревијалната вечер со познати македонски музички имиња посветена на текстописците на веќе познатите хитови од овој фестивал. Оваа година ќе бидат претставени песните од текстописците: Ѓорѓи Барбаровски, Томислав Которчевиќ, Огнен Неделковски и Борче Нечовски.

Како што кажаа организаторите на прес-конференцијата одржана во Валандово, ќе се доделат неколку награди од кои ќе ги споменеме Награда за животно дело која ќе му биде деделана на семејството на еден од основачите на “Фолк Фест Валандово” Леонид Манчев. Една од наградите која што ќе биде доделена оваа година и која што ќе има свое значение во потврдувањето на фолклорната традиција ќе биде признание кое што се доделува по повод 100 годишнината од раѓањето на познатиот македонски интерпретатор, бардот на македонската песна Никола Бадев.

На втората фестивалска вечер, која што ќе се одржи на 31-ви мај и која што е натпреварувачка, учесниците ќе настапат по следниот редослед:

  1. “Добредојде таго” – Благоја Груевски
  2. “Не ти верувам” – Ивана Наумова,
  3. “Моја Мирјана” – Јовица Мицевски,
  4. “Имав јас се” – Бобан Цаневски
  5. “Седма зима” – Елена Андоновска
  6. “Планина голема” – Стојне Николова
  7. “Илина” – Драган Мијалковски
  8. “Бараш крадец” – Горан Тодоровски
  9. “Не си ми суден” – Сандра Милковска
  10. “Љубовта е маѓија” – група Академци
  11. “Пеј Соња” – Миленце Атанасов
  12. “Земи или остави” – Ивана Стојановска
  13. “Пишано и неизбришано” – Христијан Димитриевски
  14. “Да се разбираме” – Мими Јовановска
  15. “Фотографија заборавена” – Ивана Серафимовска
  16. “Студ и бес во срце носам” – Зуица Лазова
  17. “Туѓа а моја си” – Душко Ѓеоргиевски
  18. “Тука сум јас” – Јуле Николовска
  19. “Дано лична Дано” – Далибор Ѓошиќ
  20. “Љубов преку граница” – распеани Валандовчани

Оваа година водители на “Фолк Фест Валандово” се Ирена Спировска и Ѓорѓи Калајџиев. А меѓудругото, на прес-конференцијата беше претставена и сценографијата за овогодинешното фестивалско издание. Музичкиот портал Музика24 оваа година со своја екипа ќе известува од Валандово и од се она што се случува за време на фестивалските вечери.

Можеби ќе ве интересира: