Фестивали

“Скопје пее” – прв меѓународен хорски фестивал во Скопје

Од 29-ти до 31-ви август, во организација на Град Скопје и ЈУ “Универзална сала”, градот ќе биде домаќин на првото издание на хорскиот меѓународен фестивал “Скопје пее” (“Skopje Sings”). Десет хорови од земјата и странство, со своите изведби на добро познатите класични дела, но и џез, рок и современите композиции, на себе својствен начин, ќе ги спојат музиката, одморот, пријателството и забавата.

Свеченото отворање на фестивалот е закажано за в четврток 29-ти август со почеток во 21 часот на Школка во Градски Парк, каде скопјани и сите останати добронамерници и љубители на музиката и културата ќе имаат можност бидат дел од градскиот музички хепенинг наречен “Скопје пее”. За следниот ден, 30-ти август петок, фестивалот програмски ќе се вклучи во културните лета на општините Карпош и Аеродром. На “Културно Лето Карпош 2019” на плоштадот “Делфина” во Влае ќе настапат Машкиот хор од Пловдив, ХМД “Кочо Рацин” Скопје, Женскиот хор “Аурин” од Кецкемет, Унгарија, ГМХ “Вардар” – Скопје и Академскиот Женски Хор на Студентскиот културен центар во Ниш. Како дел од “Back to School Week” во Општина Аеродром, во паркот на езерата со почеток во 20:30 часот ќе настапат Женскиот хор Менада од Тетово, хорот “Хаџи Зека” од Пеќ, Пензионерскиот хор “Серенада” од Скопје, хорот “Славјанско Единство” од Горна Ораховција, Р. Бугарија и хорот “Елегија” од Општина Центар – Скопје.

Фестивалот “Скопје пее” е првиот меѓународен фестивал на хорови и хорска музика кој се одржува во Скопје и идејата на фестивалот е да ја донесе музиката поблиску до граѓаните и да ја претстави хорската музика типична за концертните сали на некарактеристичен начин, на улиците и плоштадите на Градот Скопје.

За последниот ден од фестивалот, 31-ви август сабота со почеток од 20:30 часот со настап на хоровите во објектот на Македонската филхармонија и официјално ќе се затвори првото издание на “Скопје пее”.

Можеби ќе ве интересира: