Имам нешто да те прашам

Интервју на Музика24: Антонио Пејоски – Најубаво се чувствувам со музиката

“Најмила” е неговата прва песна, за која што сними и видео спот. Ни доаѓа од градот за кој не залудно велат: “Како Струга нема друга”. Симпатично, младо, талентирано момче кое во оваа прилика Специјализираниот македонски музички портал Музика24 Ви го претставува, а станува збор за Антонио Пејоски.

Уживајте во интервјуто кое што го подготвивме само за Вас.

Музика24: Неодамна се појави на македонската музичка сцена и како ново лице во неа, се претстави со нов сингл и нов видео спот. Кој е “виновникот” за целиот проект и реализацијата на истиот?

Антонио: Главниот “виновник” за целиот проект е Славиша Киброски од “К-Тим” продукција.

Музика24: Одеднаш се појави и направи речиси вистински бум со твојата “Најмила”. Која е всушност твојата најмила. Дали има некоја личност која можеме да кажеме дека е твојата најмила, односно, дали оваа песна е со посвета? 

Антонио: Со оглед на тоа дека текстот и музиката се мое дело и тоа дека емоциите преовладуваат во неа, често пати се среќавам со ова прашање. Но, не постои конкретна личност на која и е посветена оваа песна.

Музика24: Многумина ќе речат дека си младо, скромно, талентирано момче кое сака да успее на македонската музичка сцена, но надвор од неа, кој е Антонио Пејоски? Што правиш во слободното време и како се забавуваш кога немаш ангажмани?

Антонио: Слободното време максимално гледам да го искористам со моите најблиски… моето семејство и моите другари. Исто така сакам да спортувам, но со се поголемите ангажмани се повеќе го запоставувам тоа.

Музика24: Можеме слободно да кажеме дека имаш одлична песна, одличен спот, но, кое е твоето музичко минато? Имаш ли досега настапувано по музички натпревари, фестивали… или едноставно реши твојата дарба и талент да ја види и запознае македонската јавност?

Антонио: Најпрво, благодарам за Вашите пофалби околу песната и спотот. Што се однесува до фестивалите, досега не сум имал настап, но оваа година имам план да настапам на летниот фестивал “Охрид фест”.

Музика24: Доаѓаш од речиси мал град од внатрешноста на Македонија. Откако се случи твојата официјална промоција тука во Скопје, дали нешто се промени во односот со луѓето, пријателите, другарите? Како те прифаќаат стружани и дали имаш нивна поддршка?

Антонио: Па и не баш… но има некои мали промени, но се тоа во една позитивна смисла. Воедно би сакал да упатам голема благодарност и поздрав до сите стружани, бидејќи уживам голема поддршка. Но, морам да споменам дека имам поддршка и од многу други градови низ Македонија и исто така и ним им се заблагодарувам од се срце што ми се поддршка.

Antonio PejoskiМузика24: Млад си, згоден, одлично го работиш она во што допрва го започнуваш, но, дали освен музиката се занимаваш со нешто друго?

Антонио: Па не, студент сум на ФТУ – Охрид, на насоката Царина и шпедиција. И со оглед на ангажманите околу музиката и немам толку време да би се бавел со уште некоја професија.

Музика24: Дали тоа значи дека еден ден освен со музиката ќе се бавиш и со царина, шпедиција или сепак музиката ќе биде твојот приоритет?

Антонио: Животот е едно колце, незнаеме што не чека утре… но, сепак следува период на кој професионално ќе и се посветам на музиката, бидејќи тоа е местото каде што ќе се чувствувам најубаво… местото каде сум најсреќен…

Музика24: Твоите обожавателки и фанови веќе дознаа дека немаш кому да ја посветиш твојата прва песна, односно, дека Антонио е во моментов слободен. Какви девојки сакаш, кој е твојот вкус и идеална фигура на девојка со која би сакал да го поминеш дел од твојот живот?

Антонио: Неможам да кажам конкретно дали би “паднал” на плавуша или бринета или каква било друга девојка… но, пред се како и сите други би ме привлекла надворешната убавина, но таа привлечност би била само привремена, доколку не биде придружувана од добар карактер.

Музика24: Што Антонио најмногу го прави среќен, што може да те израдува и да ти го направи денот најубав?

Антонио: Тука би го споменал мојот последен момент на среќа… вчерашниот, кога во “Club 69” – Демир Хисар на мојот настап ја изведував мојата песна “Најмила”, публиката пееше со мене… чувството беше бесценето!

Музика24: Спомена дека имаш настапи низ Македонија, каква музика вообичаено исполнуваш на забавите и според тебе на која музика младите најмногу стануваат расположени?

Антонио: Па на мојот репертоар можат да се најдат песни од различни жанрови, но со оглед на влијанието од балканот, најмногу “палат” екс ју хитовите, македонските евергрини, како и турбо фолкот.

Antonio PejoskiМузика24: Што туку започнуваш на македонската музичка сцена и мило ни е што истата се збогатува за музичко име повеќе. Кога би имал можност или прилика да одбереш, со која македонска музичка ѕвезда би снимил дуетска песна?

Антонио: Од македонската музичка естрада би сакал да снимам дуетска песна со Каролина Гочева, бидејќи таа според мене е еден од најмоќните вокали на Балканот.

Музика24: Знаејќи дека речиси секој викенд имаш настап во некој од градовите ширум нашата земја, која е следната твоја агенда на градови и кога можат скопјанки и секако твоите фанови тука да те очекуваат со настап во главниот град?

Антонио: Како што веќе споменав, овој викенд гостував во Демир Хисар, а следниот пак гостувам во мојот роден град Струга во “Caffe Griffon”. Што се однесува до Скопје, сеуште сме во преговори, па не би можел прецизно да Ви одговорам. Но секако, први ќе ја имате информацијата.

Музика24: Што е она што следно може да го очекуваме од Антонио, нова песна, видео спот… Ексклузивно за читателите на Музика24 откријни кои се твоите идни планови.

Антонио: Конкретно можам да кажам дека веќе се работи на проектот околу мојата втора песна и видео спот за истата. Зад која секако стои мојата матична “К-Тим” продукција.

Музика24: И како за крај на нашето интервју, како ќе ги поздравиш твоите фанови, обожаватели и секако, читателите на Специјализираниот македонски музички портал Музика24?

Антонио: Ги поздравувам сите мои фанови и им благодарам од се срце за нивната поддршка која што премногу ми значи. Воедно, голем поздрав до сите читатели на Вашиот ценет музички портал.

Интервјуто го подготви: Магдалена Атанасовска

Можеби ќе ве интересира: