Имам нешто да те прашам

Јана Стојановска: Имам многу добри спомени со Дедо Мраз (Интервју)

Серијата новогодишни интервјуа ја продолжуваме со една од најубавите и најуспешните македонски актери од помладата генерација – Јана Стојановска. Таа потекнува од познато актерско семејство, но освен со театар и филм веќе во неколку наврати се покажа како одлична пејачка. Јана последниве години оствари низа на впечатливи улоги во земјава и регионот: „Златна петорка“, „Сенке над Балканом“, „Конак код Хилмије“ итн. Наскоро македонската и балканската јавност ќе има прилика да го чуе и нејзиниот дует со легендарниот Раде Шербеџија, а исто така ексклузивно откриваме дека Јана ќе се испроба и во модната индустрија. Во продолжение, прочитајте што Јана ексклузивно за Музика24, раскажа за нејзиното детство но и каква е празничната атмосфера со синот Ненад.

Музика24: Како се чувствуваш кога доаѓа овој период од годината? Дали се радуваш како мало дете на целата предновогодишна и празнична атмосфера и еуфорија или пак сето тоа за тебе се само обични денови во кои малку повеќе се одмараме, забавуваме и поминуваме време со најблиските?

Јана Стојановска: Кога бев мала, ми беше многу чудно кога некои луѓе ми раскажуваа за одредени приказни и ми кажуваа во која година се случи тоа. Сега, како одминува времето, сфаќам дека во одреден момент животот ќе се состои од спомени. Јас пораснав во семејство во кое секогаш имаше причини за радост и тоа за ситници, а не за една голема работа како Нова година. Иако не сум љубител на зимата, секогаш кога ќе почне да свети наоколу, се претворам во дете кое сè уште верува во чуда. Кога ја украсувам елката, се сеќавам на сите убави и лоши работи што ги донесе старата година и мислам на „Што ќе донесе новата?“ И тоа патување низ времето за мене е бесценето. Сакам нови почетоци на годината со сета неизвесност што ја кријат.

Музика24: Имајќи ги во предвид околносите како планираш да ја испратиш 2020-та, а ќе ја дочекаш Новата 2021-ва година? Во Скопје, Србија или Букурешт?

Јана Стојановска: Оваа година беше полна со настани за мене. Од екстремни пропорции. Со сета благодарност кон Бога, животот, како што сакате, среќна сум со ситуацијата во која сум, благодарна за лекциите низ кои ме прошета и благодарна за богатството од семејството што го имам. Со нив ќе ја дочекам новогодишната ноќ. Дома во Скопје со детски песнички, сарми и ролни.

Музика24: Какви сеќавања за новогодишните празници имаш од детството? Кој беше Дедо Мраз во твоето детство ?

Јана Стојановска: Кај нас Дедо Мраз доаѓаше магично вистински. Татко ми имаше креативни начини, сега би поверувала дека има Дедо Мраз, а не тогаш. Секоја година доаѓаше во некое ново светло со некоја откачена приказна, и сега ми се враќаат пеперутки во стомакот. Една Нова година славевме дома, беа дојдени пријатели на моите родители со своите деца, јас тогаш бев веќе голема. Татко ми излезе, да оди да го земе прасето. По 5 минути се појави Дедо Мраз пред вратата, со капа, брада и крзнено палто на Дедо Мраз со очила за сонце и хавајски бермуди. Влезе со приказна „здраво деца, извинете што сум вака ама идам од Хаваи па немав време да се пресоблечам. Фантастично! Јас го познав, нели голема бев, и го прашав „Тато ти си?“. И тој ми рече „татко ти отиде да го земе прасето, јас сум Дедо Мраз“. И денес не сум сигурна кој беше. Еден ден Дедо Мраз дојде со хеликоптер, вистински хеликоптер се паркираше тука на ширинката во Аеродром пред нашиот двор. Дедо Мраз беше сега покојниот Душко Костовски. Тој излезе од хеликоптерот, дојде кај нас дома и ни подари подароци на мене и на сестра ми, па ја зеде мајка ми (Црвенкапа) и со хеликоптерот заминаа на плоштад. Имам многу добри спомени со Дедо Мраз, толку добри што верувам дека тој постои во сите нас за нашите деца. Не треба да им го измислуваме одново и одново и знаете какви се децата, ќе поверуваат само ако вистински верувате.

Музика24: Дали Јана верува во Дедо Мраз? Каква е празничната атмосфера со мало дете?

Јана Стојановска: Јас верувам дека Дедо Мраз постои за добрите деца. Ненад е уште мал за Дедо Мраз иако празничната атмосфера со него постои откако се роди и покрај сите предизвици со кои се соочивме. Едвај чекам да почне да разбира за да почнеме заедно да веруваме во Дедо Мраз, самовили, еднорози, ангели, архангели, љубов и слични “чуда“. Едвај чекам да дојде времето кога ќе можам да ја разврзам креативноста на таа тема.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова и да се надеваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се твоите планови и желби за Новата 2021-ва година? Што би сакала да ти се оствари на професионален или приватен план?

Јана Стојановска: 2020-та беше полна изненадувања. Иако не баш пријатни, се трудам да гледам на нив како лекции. Лекции од кои треба да се научи што е неважно, што е важно а што најважно во животот. Благодарна сум за секој момент во кој пораснала под притисок, затоа што верувам дека човек кој е под притисок – расте, сфаќа на поинаков начин, созрева… Јас би сакала тие опашки што сеуште траат да бидат со среќен крај. Колку и да изгледа безизлезно, зборувам од искуство, во животот секогаш се може да се смени од добро во лошо и обратно. Имам верба, верба во среќни краеви и на тоа се сведуваат моите желби за 2021 година. Љубовта да не напушта и здравје за најблиските.

Музика24: Иако светот се успори годинава. Големите холивудски филмови се одложено, но ми се чини дека не недостасуваше музика, нови филмови и серии во регионот. Колку ја следиш сцената, кинематографијата и телевиската продукција. Кој филм, серија или можеби песна ја одбележа 2020-та година?

Јана Стојановска:  Со оглед на тоа што целото мое време беше и сеуште е резервирано првенствено за Ненад воопшто не следам ниту музика ниту филмови. Одгледав неколку серии од друга страна, една српска „Мочвара” со колегата Горан Богдан, една стара серија што некој ми ја препорача „Banshee” која е одлична, и неодамна ја одгледав „The Queen’s gambit” исто така фантастична серија. Сите топло ги препорачувам.

Јана Стојановска во улогата на Јована во српската хит-серија „Сенке над Балканом“

Музика24: Како Јана и блиските се носат со пандемијата ?

Јана Стојановска: Искрено кога почна се, бев извадила од памет. Јас бев во Скопје со мало бебе, а Андрија во Букурешт. Пред да станам мајка не бев некој бактериски паничар но кога дојде Ненад стерилизирав , дезинфицирав и тоа знае да биде толку напорно и исцрпувачко. Таман кога требаше да се подопуштам на таа тема се случи првата паника со короната. Андрија заглави 10 дена на романската граница со Србија, јас во целата хормонална психотична состојба во која никој не знаеше што ќе се случува понатаму само продолжив да внимавам како и претходно. Како одминуваше времето стравот стана многу помал отколку што беше но претпазливоста си остана како и во 2019-та. Не излегувам без маска и спреј за дезинфекција и се прскам секогаш кога ке допрам нешто што го допрел и некој друг. Сега сум со став и многу внимателно ама без паника. Паниката сама по себе го зема здравјето. Фала богу никој од моите најблиски не се сретна со Корона а се надевам и дека ке остане така.

Jана во претставата „Три сестри и Наташа П.“

Музика24: Во најава се неколку нови македонски филмови. Дали Јана влегува во некоја поделба во театар или има добиено понуда за снимање во 2021 година?

Јана Стојановска: На мое огромно задоволство со Наташа Поплавска направивме еден проект по текстот „Три сестри” на Чехов, се вика “Три сестри и Наташа П.“ Тоа ми е актуелната гордост од претстава која се менува во секоја изведба. Последната изведба беше во склоп на фестивалот „МОТ“. Најверојатно ќе работам и на една серија – комедија, која се снима во моментов во Белград. Во меѓувреме во Македонија започнувам еден проект што нема врска ни со театар ниту со филм, туку со мода. Започнувам соработка со „Фокабо“, за тие што не знаат тоа е еден стар македонски бренд на елегантна гардероба кој датира од 1969 година. Многу сум возбудена во врска со целата работа прво затоа што ми е сосема ново поле на изразување кон кое одамна има страст иако немам многу искуство, а второ затоа што верувам дека ке направиме една убава приказна. Уште повеќе се радувам затоа што станува збор за вистинска македонска модна приказна која многу ми се допаѓа и позади која можам да застанам без никаква резерва.

Музика24: За крај на ова наше новогодишно интервју, што би им посакала на обожавателите и читателите на Музика24?

Јана Стојановска: Би посакала да учат од себе и од своите грешки, секогаш да се прашаат “каде грешам?” пред да обвинат некој друг за нивната несреќа. Да не осудуваат, да ги почитуваат животните. Да ја градат и негуваат љубовта, верата и надежта зошто тие се како живи, мора да работиш на нив, да ги храниш и чуваш и кога си добар во тоа – ти си среќен и богат човек. Слободно да пофалат кога ќе им се допадне нешто, секој сака да слушне добар збор како потврда дека прави нешто добро. Да ги гушкаат своите деца, да им дадат убави вредности затоа што децата се нашата иднина…. Можам до бескрај затоа ке застанам овде. Среќна Нова Година !

Интервјуто го подготви: Филип Етмишовски

Можеби ќе ве интересира: