Во прв ред

Четири дена највкусните светски специјалитети го обединија светот во Охрид (Фото)

Веќе традиција стана во нашиот најголем туристички центар да се случуваат големи светски и познати настани. Изминатите неколку дена Охрид беше местото каде во едно се споија невозможното и непредвидливото. Четири дена без ниту една забелешка, четири дена без ниту една грешка, напротив, само со многу пофални зборови од сите страни се оддржа четвртото издание на интернационално кулинарско натпреварување во Европа, “Гастромак”, во организација на Асоцијацијата на готвачи и шефови на кујни од Македонија чија претседателка е секогаш елегантна, умерена, насмеана, позитивна и чекор пред сите останати, Адријана Алачки.

10-ти октомври беше денот кога и официјално стартуваше овој кулинарски настан. Со големото дефиле низ охридските улици, многубројните готвачи, кулинари и врвни гастрономи го означија и почетокот на четиридневното дружење каде се натпреваруваа и ги покажуваа своите вежтини и умеења со храната која е своевидна култура на живеење. Во едно и ние новинарите заинтригирани од комплетната организација и презентација, будно го следевме целокупниот перфоманс на “Гастромак” за што во продолжение ќе следуваат текстови и интервјуа.

Следниот ден – 11 октомври кој воедно е и еден од најголемите празници во Република Македонија, беше предодреден за целодневни натпреварувања, но и за дневна презентација на традиционалната кујна во која беа вклучени многу општини од Република Македонија кои ги имаа поставено трпезите на отворено на самото крајбрежје на Охридското езеро. Прекрасното сончево време дополнително го поддржа овој настан, а убавата температура овозможуваше што поголем број на посетители кои дегустираа дел од понудените традиционални македонски јадења.

Вечерната програма на “Гастромак”, пак, понуди интересна кралска забава на која присутните најпрвин добија круни како би се чувствувале привилегирано, а потоа и кралска вечера дополнето со дегустација на македонски сортни вина. Во една таква релаксирана адмосфера каде се вкусуваа разни специјалитети и испиваа преубави вина, сите присутни се опуштија и уживаа во дружењето и прекрасната музика на охридските музичари. Присутните гости дополнително ги разгали и интерпретацијата на Претседателката на “Гастромак” – Адријана Алачки, која долги години беше позната како фолк ѕвезда на македонската музичка сцена.

Претпоследниот ден – 12-ти октомври беше резервиран за “Fish Festivalot” на Дон Давид кој се одржуваше пред хотелот “Нова Ревиера” каде беа поставени штандовите за подготовка на риба на различни начини. Интересно е што рибата беше свежо уловена од Охридското езеро и што станува збор за прочуената охридска пастрмка, а гастрономите ја подготвуваа на различни начини. Бидејќи лично ја дегустиравме можеме да потврдиме дека беше превкусна подготвена на многу автентични невообичаени начини.

Последниот ден беше резервиран за Black box натпреварот, а Гран при годинава доби Никад Бабев со својот тим од Азербејџан. А самата завршница ги обедини сите присутни натправарувачи во заедничка прослава на која се играа и традиционални игри од различни краеви на светот.

И да резимираме. “Гастромак” кој што е лигистички поддржан од Светската асоцијација на здруженијата на шефови на кујни (ВАЦС), годинава во бројки би изгледа вака: 300 учесници од преку 30 земји, 95 етаблирани WAKS судии, чии што биографии навистина делуваат импресивно, гости, вљубеници во храна, а преку тоа и во животот, новинари… едноставно, “Гастромак” постави високи стандарди со кои докажа дека и Македонија е спремна за настани од светски калибар, а ние бевме горди што бевме дел од целиот спектакл.

Можеби ќе ве интересира: