Во прв ред

На Денот на вљубените концерт на Јаков Дренковски

Кантавторот Јаков Дренковски на 14-ти февруари ќе одржи концерт во киното “Фросина” во Младинскиот културен центар. Музичарот ќе се претстави во ново руво, придружуван од уште четворица музичари. На сцената покрај Јаков, ќе биде неговиот долгогодишен пријател, басистот Данаил Дарковски, потоа клавијатуристот Трајче Органџиев, тапанарот Спиро Здравески, како и младиот гитарист Владимир Чадиковски.

“Иако домашната публика е навикната да ме слуша и да ме гледа на сцената сам со гитара и со акустичен репертоар, сепак овој пат ќе биде различно. Сега ќе настапувам со придружен бенд, со кој во текот на минатата година свиревме во неколку наврати, на “Виноскоп” и на “Пиволенд”, каде што добивме одлични критики. Во бендот е и мојот “соборец” од детството, Данаил Дарковски-Дарко. Со него и со текстописецот Љубомир Грбевски-Џери ги создававме и ги снимавме сите песни. Трајче и Спиро се искусни музичари, исто како и гитаристот Влатко, кој иако е доста помлад од нас, сепак зад себе има долгогодишно искуство и одлично се вклопи и внесе свежина во целата приказна”, вели Дренковски.

За овој концерт ќе биде подготвен репертоар со сите хитови на Јаков Дренковски, но некои од нив првпат ќе бидат изведени пред домашната публика. Најбитно е што тие ќе бидат отсвирени во оригиналната студиска варијанта, која публиката речиси и никогаш не ја слушнала на концерт, освен на плоча, касета, на цеде или во радиоетерот.

“На концертот ќе ги отсвириме песните што публиката добро ги познава, песни што се мој заштитен знак, како “Миднајт каубој” или “Ces’t la vie”, но ќе има и песни што речиси никогаш не биле изведени во живо, како “Темен ерос”, “Девица и пеперутка”, “Ах, нимфо дива”, “Виножито шарен свод” и многу други. Иако зад себе имам долга кариера и голем број концерти и настапи, сепак за овој концерт имам мала трема, но тоа е позитивна трема, повеќе би рекол возбуда, затоа што по толку години повторно ќе свирам со придружен бенд во кој е и мојот стар пријател и, секако, публиката. Ве уверувам дека концертот ќе биде убаво музичко патешествие”, додава Дренковски.

Подготви: Влад петров

Можеби ќе ве интересира: