Во прв ред

“Сетстат” со нов музички албум

И Македонија ќе се приклучи на меѓународното одбележување на 30-ти април како Светски ден на џез музиката, што е всушност и иницијатива на Унеско, преку легендарниот култен и познат македонски џез состав “Сетстат”. Тие на овој ден во клубот “Менада”, кој се наоѓа во старата скопска чаршија, ќе одржат концерт, а воедно и промоција на нивниот најнов албум “Petitе Cinématique” (Мало кино). Но пред да се одржи концертот кој што е најавен за 22 часот, како дел од програмата за одбележување на овој голем светски музички ден, ќе бидат прикажани два џез документарни филмови, а веднаш потоа ќе се направи и линковско вклучување во живо од глобалниот џез концерт во Истанбул, кој што оваа година е град домаќин и каде што се одржува централната прослава со концерт на Херби Хенког и неговите пријатели.

Инаку, македонската џез група “Сетстат” постои веќе повеќе од 20-на години и тие за цело време неуморно ја промовираат насекаде низ светот македонската џез музика. Досега имаа пет успешни албуми, а најновиот кој ќе ја доживее својата промоција со повод и токму на вистинскиот ден, е како што велат тие своевидно надоврзување на претходниот албум насловен “Кораб”, но не и продолжување на истата патека, туку едноставно музичко патување само за себе.

Како главни “виновници” за новото музичко издание се појавуваат шест реномирани музичари, а тоа се: Владан Дробицки, Васко Бојаџиски, Павел Дробицки, Панче Бујуклиев, Гоце Наумов и Дино Милосављевиќ (Васко Атанасоски од групата Бернајс Пропаганда се јавува како гостин музичар на една од нумерите). Најновиот албум “Petitе Cinématique” кој што е во дигитално издание може да се набави преку сите популарни on-line музички продавници во светот, а истиот можете да го преслушате во продолжение на текстот или на официјалниот веб: www.sethstat.com.mk.

Подготви: Александра Блажевска

Можеби ќе ве интересира: