Музика на кирилица

Кристина Арнаудова и групата “Ај Кју” со нова песна и видео спот

Kристина Арнаудова и групата “Ај Кју” снимија спот за нивната заедничка песна “Сега ми требаш ти”. Првите кадри беа направени на покривот на еден познат скопски трговски центар, а режисер на видеозаписот е познатиот фотограф Дарио Јанковиќ.

“Првпат соработувам со него и пријатно се изненадив од неговата креативност. Снимањето продолжи на Попова Шапка, каде што отпатуваа само членовите на бендот. Мене нема да ме видите на снег. Пред две години веќе снимив такво видео со мојот драг пријател, ракометниот голман Дарко Станиќ, па не сакав да се повторувам”, открива Арнаудова.

Песната која за десетина дена ќе биде и визуелно промовирана е авторско дело на самите изведувачи. Kристина веќе подолго време соработува со Бојан Трајковски, водачот на “Ај Кју”.

“Kога ќе се споиме, може толку многу да ни се смени перцепцијата за една песна, што на крај од траурна балада да излезе позитивна тема која те тера да заиграш. Тоа е таа енергија, весела, која мене во музиката ми недостига, а Бојан ја има и така компензираме. Така настана и овој рефрен кој е еден од моите омилени од албумот “Земи ме” кој го промовирав во мај годинава”, објаснува Kристина.

Популарната пејачка која се почесто се јавува и како автор на своите песни, годинава во рамките на владината програма за субвенционирање на македонската музика беше класифицирана во категоријата “врвен изведувач”.

“Не сум луда по титули. Не се нарекувам себеси дива и не зборувам за себе во трето лице. Јас сум пејачка и уживам во тоа што го правам. А кога ќе се исклучат камерите сакам да облечам патики и да трчам во парк со децата”, коментира таа.

Подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: