Имам нешто да те прашам

Валентина Ѓоргиевска Парго: Во Новата година чувајте ја љубовта како немоќно и беспомошно пиле, бидејќи секоја грешка прескапо се плаќа (Фото+Видео)

Таа е позната македонска естрадна новинарка. Пишува поезија и проза, и често и знае да си потпевнува на вклучувањата во живо на Фејсбук. Како што и самата за себе вели, живее 24 часа на ден за и со музиката. Дури некогаш заспива со добра и убава радио музика која никого не би го оставила рамнодушен. Нема кој што не ја знае, бидејќи од неа може само да се учи како треба. За нашиот ангел Тоше може со денови да разговараме, бидејки таа беше една од неговите најблиски. Знае многу естрадни тајни, кој со кого, кога и каде.

Почитувани, една и единствена… во нашиот серијал на новогодишни интервјуа, нашата омилена Валентина Ѓоргиевска Парго.

Музика24: Кон крајот од уште една интересна година редно е да сублимираме по што ќе ја паметиме… За волја на вистината поминавме кризи, инфлации, замрзнување-одмрзнување на цени, протести, но имаше и убави моменти, музички фестивали, нови хитови, убави и интересни концерти… Што Ви остана како белег, сеќавање на 2023-та година?

Валентина Ѓоргиевска Парго: Година на преубави концерти, со Брајан Ино и Емин Џијан, Мухамед Ибрахими, Здружение на Џез Музичари, “Ајга” и Иво Погорелиќ, “Лезет”, “Севда”, “Гајрет”, Василичарскиот концерт, Благој Нацоски, Албан и “Акул Њ Вере” (во Лече Италија), Георги Шаревски, Скопскиот џез фестивал 2023, средбата со славниот грчки композитор Антонис Папас автор, меѓудругото, и на големиот евровизиски хит „I die for You“, комеморативниот концерт по повод 80 години од депортацијата на македонските Евреи во МОБ, концертот на “Филип Букршлиев трио”, промоциите и свирките во “Аудиокултура” и за мене концертот на животот кој се случи во април, кога за последно ја стегав најтоплата и најсаканата рака на светот, на мојот Татко, на концертот на „Профундис”, со Драган Ѓорѓевиќ- Сузуки и Ѓурѓица Дашиќ во Македонска Опера и балет, како и Ѓоле Максимовски Јунајтед , Глигор Кондовски, Сашо Поповски Трио и Диџеј Кеско во МКЦ.

Музика24: За разлика од предходните неколку години, оваа година многуте музички фестивали понудија голем број на композиции и песни кои претендираат да бидат хитови. Која  според Вас песна ја одбележа 2023-та година и го заслужува епитетот Хит на годината?

Валентина Ѓоргиевска Парго: Манескин. Ја напиша Давиде Дамијано. Ми ја истетовира на срце. Планетарна убавина. Ве молам тука ставете линк од црно-белиот, а толку урнебесно обоен со најколоритни емоции, спот за песната.

Музика24: Се приближува популарната новогодишна еуфорија кога секојдневно се случуваат забави, афтер парти, шопингувања… Во потрага сме по најубавиот подарок за најсаканите… Дали и Вас ви се случува во овој период од годината да бидете еуфорични, односно како делува целата новогодишна еуфорија на Вас и Вашето секојдневие?

Валентина Ѓоргиевска Парго: За прв пат почувствував новогодишна возбуда кога ова лето во жешкиот јули мојот пријател рече: “врати се во Атина, ќе биде убаво украсено за  Божиќ и Нова година”. Се насмеав, но почувствував возбуда. Дека тоа украсување некому нешто значи. Мене не многу. И мојата драга Лили истото го вели кога ме поканува Нојшател. Можеби би било добро да прошетам и да ја почувствувам новогодишната еуфорија некаде во странство, кај нас ретко ме фаќа. Имуна сум на неа последниве децении. Минатата година во тој период бев во Виена, на конференција за Енергетска заедница, и патем искористив прилика да се сретнам и шетам со мојата драга Дијана Таневска, градот блескаше од магија и светилки, а ние блескавме од потсетување на нашите преубави спомени од детството и младоста.

Музика24: Кога веќе ги споменуваме новогодишните подароци, како одбирате што да подарите, односно според што се водите кога бирате новогодишен подарок?

Валентина Ѓоргиевска Парго: Купувам само новогодишни пакетчиња за внуците. Инаку, премногу сакам да подарувам особено на драги луѓе, но не за Нова година, само штом почувствувам. Некогаш подароците за саканите ѝм ги чувам со години. Не знам дали се сеќавате на една емисија во живо, зар Игор Џамбазов не беше готов да се  расплаче кога во емисија неочекувано му го подарив мекото кукличе што за него го купив и чував уште кога бев тинејџерка?! Којзнае колку тинејџерска љубов беше во него сместена. Чувам и еден подарок од сѐ срце од 2018 година, кој ќе го врачам во прва прилика. Мене пак сакам да ми подаруваат само луѓе кои ги сакам и малку сум специфична во однос на тоа. Најмногу сакам обетки и белегзии. Сакам и добри и убави квалитетни музички албуми. Добивам и поезија на подарок. Од некого пак што ми значи  доволно е порака, помисла на мене, бакнеж или барем разбирање за моите чувства.

Музика24: Денес е вистинска реткост некој да праша дали сте среќна личност? Дали практикувате да се интересирате за блиските луѓе што ги прави среќни и колку се трудите да стимулирате убаво расположение? 

Валентина Ѓоргиевска Парго: Многу благодарам на ѕвездите за сета среќа што ми е дарена, но среќата на саканите ми е многу поважна и императив за сѐ што правам . Се грижам повеќе за нив отколку за себе, а се обидувам и да ѝм го направам и расположението, колку можам.

Музика24: Сите ние правиме грешки и никој не е безгрешен. Што е она што во 2023-та да имате можност би го смениле, или би посакале воопшто да не се случило?

Валентина Ѓоргиевска Парго: Премногу грешиме, несакајќи. И со срце, и со збор, и со раце и со душа, велам несакајќи. Високиот тон кај жена е нешто многу лошо. Грешиме дури и во обични преписки, коментари или пораки на социјалните мрежи. Но, доволно е извинување тоа ќе си го стори своето, или ќе ублажи во некоја мера.

Музика24: Која песна или рефрен деновиве го потпевнувате, односно, дали денот го започнувате со песна и музика?

Валентина Ѓоргиевска Парго: „Bow down Mister“ од Бој Џорџ. Ме врзува на еден волшебен момент од мојот живот, од едно евровизиско патување и една незаборавна случка.

Музика24: Дали сѐ уште верувате во легендата за Дедо Мраз и дали за него имате годинава некоја порака?

Валентина Ѓоргиевска Парго: Дедо Мраз постои и остварува желби. Тој беше и суптилно вметнат лик во едно од моите неколку сценарија кои се најдоа во книгата на сценаристи “Overview effect!”, и кој ме однесе на фестивал TEMPORA/ CONTEMPORA, во рамките на финалната средба на “The East Side of the Stage”, на 30 септември и 1 октомври во италијанскиот град Лече. Надалеку прочуената манифестација ја организираше AMA – Accademia Mediterranea dell’Attore, под водство на реномираниот директор Франко Унгаро и Росела Нотарникола, Валтер Прете и  Густаво Д Аверса, а од наша страна  ITI– Macedonian Center of International Theatre Institute на чело со почитуваната Иванка Апостолова Баскар. За прв пат Македонија доби таква шанса, а јас ја имав ретката привилегија да бидам дел од екипата, замислете со професионални перспективни сценаристки и единствена новинарка-сценаристка.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова, се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се Вашите пред сѐ професионални планови и замисли и што би сакале да се случи ново на приватно поле во Новата 2024-та година?

Валентина Ѓоргиевска Парго: Една средба, посакувана со години наназад, разговор кој многу би ми значел и би сменил кај мене многу нешта, сѐ од корен. На професионален план да биде објавена мојата нова книга “Златни луѓе”.

Музика24: Наскоро нѐ очекува дочекот на Новата 2024-та година, па каде планирате да ја дочекате и со кого?

Валентина Ѓоргиевска Парго: Доколку не заминам во Атина, дома.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз, без неговите ирваси, без даровите, но и без желбите. Кои се вашите желби за Новата 2024 година? 

Валентина Ѓоргиевска Парго: Мојата желба со години е иста. Непроменета. Здравје и љубов под а. Љубов, патувања и концерти под б.

Музика24: Со новогодишната порака би го завршиле овој забавен разговор, па ајде да чуеме на кој начин Вие ќе ѝм ја честитате Новата година на вашите фанови, обожаватели, сите оние кои што ве почитуваат и сакаат и секако на читателите на единствениот музички портал во Македонија, Музика24?

Валентина Ѓоргиевска Парго: Освен нешто што е најконстантно, а може да ве направи среќни-тоа е музиката, друго би ѝм порачала на Вашите читатели максимално да се погрижат за Љубовта. Да се обидат да ја добијат. А кога ѝм е во раце да ја чуваат нежно како немоќно и беспомошно пиле. Секоја грешка прескапо се плаќа. Затоа, внимателно со љубовта и неограничено со музиката.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: