Музика на кирилица

Шутка Рома Рап со нов студиски албум

Новиот албум на македонскиот бенд Шутка рома рап, “Me sijum underground” (“Јас сум андерграунд”) веќе се искачи на високото осмо место на една од најпрестижните топ-листи за етно-музика World Music Charts Europe. Цедето е објавено под етикетата на унгарската издавачка куќа “Фоно”, со поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија, а се работи за второ издание на групата составена од рапери од населбата Шуто Оризари и ромски инструменталисти.

“Me sijum underground” е снимен во живо во студиото на Мите Димовски со што се доловува автентичниот звук на овој бенд кој е препознатлив по енергичните настапи. “Шутка рома рап” веќе има еден албум зад себе, “Шутка моето родно место” кој пак се најде на 15-тата позиција на топ-листата World Music Charts Europe која се формира според гласовите на радио диџеи од 24 европски земји. По успешната летна концертна серија и настапите на гигантскиот фестивал “Сигет” во Будимпешта, “Похода” во Словачка, “Друга годба” во Љубљана и во музичката програма на филмскиот фестивал “Мотовун” во Хрватска, “Шутка рома рап” го претставува “Me sijum underground” во Скопје.

Промоцијата ќе се одржи утре во 13 часот во кафулето “Менада” во Стара чаршија во Скопје, а Музика24 ќе биде таму за да Ви ги долови сите случувања.

Подготви: Александра Блажевска

Можеби ќе ве интересира: