Во прв ред

Владо Ѓеоргиев и Јелена Розга – специјални гости на “Марс” (Фото)

Шестото издание на Македонскиот радиски фестивал “Марс” годинава ќе се одржи на 26-ти ноември во Универзална сала во Скопје која традиционално и овој пат се јавува како продуцент и организатор на фестивалот, кој финансиски е поддржан од град Скопје. Селекцијата на најпопуларните годинешни радиохитови како и до сега ја вршат 45 локални, регионални и национални радиостаници ширум Македонија, а 15-те највртени песни во македонскиот радиоетер ќе се најдат на финалната вечер на “Марс” која ќе биде директно пренесувана на првиот канал на националниот сервис – МРТВ.

И додека радиостаниците ги праќаат своите листи за конечно да се знае во почетокот на месец ноември кога ќе се сумираат резултатите на пристигнатите гласови, организаторот наголемо ги прави финалните фестивалски подготовки. Така, покрај македонската музичка елита и годинава на “Марс” ќе настапат две големи музички имиња од територијата на бившите ЈУ простори кои ќе бидат и специјални гости на Македонскиот радиски фестивал.

Јелена РозгаНаградите за Ѕвезди од соседството чии песни биле најпопуларни во македонскиот радиоетер во тековната година и овој пат ќе отидат кај две големи музички имиња. Првата е една од најпознатите и најпопуларни хрватски поп пејачки, некогашниот вокал на групата “Магазин”, која сега има успешна соло кариера, сексипилната Јелена Розга, чии последни песни “Она или ја”, “Карантена”, “Соло играчица”, “Нирвана”, “Обожавам”… годинава беа големи радиски хитови на на бившите ЈУ простори и секако кај нас.

Владо ЃеоргиевДругиот е ултрапопуларниот музичар, композитор, текстописец, продуцент и пејач од Белград, Владо Ѓеоргиев, чии хитови од новиот  албум “Далечина” кој се појави во почетокот на месец јуни годинава, буквално ги преокупираат радиофреквенциите и не се симнуваат од програмата на стотици радиостаници во сите бивши ЈУ републики, меѓу кои се и оние од македонскиот радиоетер.

Јелена Розга и Владо Георгиев специјално ќе допатуваат во Скопје за да ги примат наградите на “Марс 2013”,  а со своето присуство и настапи тие ќе ја збогатат програмата, зголемат рејтингот и ќе го подигнат реномето на шестото издание на Македонскиот радиски фестивал кој и понатаму останува ревија на најпопуларните македонски музички ѕвезди, кои во една вечер нудат парада на најслушаните хитови во 2013 година.

Подготви: Марија Поповска

Можеби ќе ве интересира: