Во прв ред

Од утре сите во Кисела Вода, се слави роденден и започнува музичко-забавно Културно лето (Фото)

Во очи роденденот на Општина Кисела Вода – “68 години – Бескрајна приказна”, а само ден пред официјалното отворање и стартување на Културното лето на Општина Кисела Вода, денес во кафулето “Поинт” во близина на спортската сала “Расадник” се одржа прес-конференција по повод овие два големи настани кои ќе се случуваат идниот период во оваа надалеку позната скопска населба.

Водителите Анкица Стојановска и Димитар Атанасовски на кои во текот на утрешниот ден ќе им се придружи и Ненад Ѓорѓиевски, пред присутните новинари ја презентираа целосната програма. Годинава таа ќе се одвива под слоганот “68 години – Бескрајна приказна која станува се подобра!”.

На пресот свој допринос и учество имаа познатиот македонски фолк пејач Миле Кузамновски, Dj Mats како и Антонио од познатата македонска група, и хип-хоп атракција “2 Бона”.

“Пред се благодарам на Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски што ќе го отворам ова Културно лето. Одлична организација, ќе иде и убава музика, а каде има убава музика има одлична енергија, а каде што има одлична енергија има и супер забава. Ќе има еден часовен сет од 21 часот до 22 часот каде присутните ќе слушнат убава и квалитетна музика”, кажа на пресот Dj Mats со кого всушност и стартува овогодинешното Културно лето на Општина Кисела Вода.

На познатиот македонски Dj Mats се надоврза и Антонио од “2 Бона” кој за момент се повтори и потенцираше дека присутната публика утре вечер може само да очекува добра забава, добра журка и добра енергија. Нивниот настап ќе биде еден час, а истовремено ги покани сите жители на Кисела Вода и на градот Скопје да дојдат и одлично да ја поминат петочната вечер за која се најавуваат спарно-жешки температури.

Ако утрешната вечер со која стартува Културното лето е наменета за помладата и тин гернерација, веќе следниот ден на местото наречено “Три круши” за кои многумина велат дека е одлично место за одмор на целото семејство, ќе настапат КУД “Китка”, фолк пејачката Сузана Спасовска како и познатиот македонски фолк пејач Миле Кузмановски.

“Чест и задоволство е да се пее во “Три круши”. Благодарам на Г-нот Градоначалник Орце Ѓорѓиевски кој што не удостојува да ја продолжиме таа традиција, “Три круши” е сериозна традиција. Јас сум од почетокот таму, и секоја година е помногубројно и помногубројно. Публика доаѓа и се надевам дека ќе го задржиме нивното внимание и дека ќе биде убава забава. Репертоарот е наместен, бендот е спремен, така да за час-час и половина додека има расположение и атмосфера ќе пееме и свириме. Се надевам дека довербата ќе ја оправдаме”, кажа Миле Кузмановски, кој пак е дел од вториот ден на Културното лето.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, кој што всушност е и организатор и домаќин на претстојните настани, кажа дека во четири фестивалски дена се сместени повеќе концерти и настани истовремено грижејќи се содржински сето тоа да биде на високо квалитетно и професионално ниво, а во исто време да се понудат и различни музички стилови кои ќе одговараат за сите генерации и за сите вкусови.

“Како што забележувате, голем број од нашите изведувачи се локални, наши музичари од општина Кисела Вода, што е наша долгорочна стратегија, бидејќи на оваа територија творат огромен број на талентирани музичари или воопшто уметници, кои публиката многу ги сака. Таков е и Жаре Бербер кој води потекло од Кисела Вода генерации наназад и кој посебно истакна дека му е чест да пее и да настапува за својата општина. Тој, заедно со Галама Бенд ќе ја отвори саботната вечер, повторно тука, на сцената во Расадник. Очекуваме супер журка по која настапува хрватската и балканска ѕвезда Петар Грашо. Не треба многу да се најавува човекот кој ја наполни загребска Арена, сплитската арена и чии песни се најголемите хитови на Балканот. Овојпат пее за публиката во Кисела Вода, за сите оние кои ќе одлучат да бидат дел од нашата приказна и да ја направат уште поубава. Поканети сте сите, за сите концерти влезот е бесплатен”, потенцираше градоначалникот Ѓорѓиевски информирајќи дека во сабота забава ќе има и за најмладите, во Расадник, од 10 часот, каде ќе се одвива богата детска програма – игри без граници, а ќе има и аниматори, забавувачи, децата од сите детски градинки, хорот при ООК “Куман Јосифовски Питу”, како и студиото за танци “Данса Латина Стефи”.

Интересно е тоа што во подготовка е химна за Општина Кисела Вода. Како што кажа и самот Градоначалник, истата ја подготвуваат дечките од “2 Бона”, а на прашање на екипата од музичкиот портал Музика24 Антонио кој е дел од екипата која што ја подготвува химната одговори:

“Песната се вика “Моето маало” и ни претставува огромна чест што токму ние ја подготвуваме оваа песна. Сме израснале во ова маало, првите потези во музиката ни беа токму во оваа Општина, така да слободно можам да кажам дека во песната се споменуваат имиња од Општина Кисела Вода кои од ништо направиле нешто. Другото не го откриваме, химната ќе можете да ја чуете многу скоро”, кажа на пресот Антонио од “2 Бона”.

Пет дена подоцна, на 29 јуни, Општина Кисела Вода ќе го одбележи својот 68-ми роденден кој започнува со манифестацијата “Битка на бендови”. Бендот кој ќе победи добива награда-концерт во целосна организација на Општина Кисела Вода, а наградниот фонд е дополнет и со снимање на ЦД и за првото и за второто место. На настанот, како гости ќе настапат “Д Далтонс” и уште неколку изведувачи кои се изнанадување.

Истиот ден, вечерта, после сетот на Dj Mats, на сцената во Расадник, од 22 часот концерт ќе има групата Нокаут, која преку своето 25 годишно постоење испиша историја во македонската музичка приказна. Инаку и во текот на целиот роденденски ден ќе има повеќе настани-свечена седница, награди за истакнати и заслужни граѓани од општината, за талентираните ученици и спортисти, а нема да изостане и хуманитарната коријада која заедно со општината ја организира Здружението на пензионери од Кисела вода.

Исто така, ќе биде задржувана традицијата отпочната минатата година, во деновите помеѓу културното лето и роденденот, да бидат промовирани, отпочнати или завршени голем број на поголеми инфраструктурни проекти.

Можеби ќе ве интересира: