Имам нешто да те прашам

Мијата: Вреднувајте го она што го имате (Фото+Видео)

Верува во Дедо Мраз, ги сака сите новогодишни празници, адети, атмосфера и еуфорија. 2019-та ќе ја памети по реактивирањето на македонската музичка сцена и неколкуте хитови кои таа ги претстави пред своите фанови и публика. Позитивно откачена, секогаш насмеана, весела и една од ретките кои што ужива во она што го работи. Среќна е со своето семејство, а 2020-та ја прогласува за своја година.

Што одговори нашата позната пејачка Мијата на нашите новогодишни прашања… прочитајте во продолжение:

Музика24: Наближуваат Новогодишните и Божиќни празници, како се чувствуваш секогаш кога доаѓа овој период од годината? Дали можеби се радуваш на целата предновогодишна и празнична атмосфера и еуфорија или пак едноставно сето тоа за тебе се само обични денови кога малку повеќе се одмора, јаде и пие?

Мијата: Искрено им се радувам на празниците и на целата еуфорија. Декември е посебен месец за мене, затоа што започнува со нашата семејна слава, потоа родендени на сестра ми и син ми, прослави, и се така до дочекот на Новата година. Најмногу и се радувам на елката и на возбудата што ќерка ми ја има додека ја украсуваме. А пакетчињата… кој ли само ги измисли… (се смее).

Музика24: Дали и после толку години веруваш во легендата и приказната дека постои Дедо Мраз?

Мијата: Дел од мене верува и сака да верува. Приказната за Дедо Мраз е како со книгата Петар Пан – ако веруваш дека ќе леташ тогаш нема пречки да не полеташ. Најсреќна ме прави реакцијата на децата како и на возрасните кога ќе здогледаат Дедо Мраз. Колку и да знаат дека е вистински или не е, невозможно е да се прикрие возбудата.

Музика24: Сите ние малку или повеќе на некој чуден начин веруваме дека Дедо Мраз ќе ни донесе некаков подарок, односно, она што сме си го посакале. Дали можеби како дете имаш оставано празни новогодишни чорапчиња и си го чекала подарокот од најпосакуваната личност во овој период од годината, дедото со бела брада?

Мијата: Во моето детство не беше распространет обичајот за колачињата и чашата млеко. Ама се сеќавам дека една Нова година бев решена да го дочекам Дедо Мраз и да останам будна до полноќ. Мајка ми скришно заѕвони на ѕвончето и излезе да му се заблагодари на Дедо Мраз. Кога сфатив дека е тој, се страчав ама беше доцна… Дедо Мраз заминал, а јас уште долго време плачев и викав по него во ходникот од зградата.

Музика24: Како вообичаено се подготвувате за дочекот на Новата година? Подготвувате специјалитети, сакате да уживате во прошетките со најмилите, купувате подароци за своите дечиња…?

Мијата: Се обидуваме секоја година да ни биде нешто поралзлично. Некоја година патуваме, некоја година се собираме дома со пријатели, некогаш ресторан, подароци секако, но приметуваме дека толку е интензивен со прослави месецот декември што не секогаш останува снага за новогодишната прослава. Некоја година знам да бидам на работа дежурна… тоа пак е сосема друго сценарио 🙂

Музика24: За дочекот на Новата година секогаш и пред се ти е битно добро друштво, забава и музика… или пак онака домаќински во опуштена атмосфера со малку повеќе храна, пиење, шала, смеа и потоа секако некој добар новогодишен филм?

Мијата: Зависи од здравствената состојба на најблиските, распоредот на работа, расположението, финансиите… ако подготвуваме патување тогаш сме најеуфорични. Ако треба да сум прва смена на работа на 1 јануари, тогаш сме најприбрани во домашна атмосфера.

Музика24: Како и на кој начин ги изненадуваш твоите сакани за Новогодишните празници? Кој е подарокот кој што вообичаено сакаш да го подарит, и што е она што тебе би те изненадило како подарок?

Мијата: Не сакам да подарувам поклони “реда ради”, туку ако имам време да ги осмислам убаво и да ги персонализирам за тие што ги подарувам. Да осетам што посакуваат или што им треба и да им го дадам. Понекогаш е тоа мал подарок, некогаш е дружба, некогаш пари… за мене го посакувам истото… да почуствувам дека некој застанал и емоционално се бавел со мене и ми посветил дел од своето време било во вид на подарок, честитка направена рачно, два часа во спа, скијање на Шапка… Времето поминато со убави луѓе најмногу го ценам.

Музика24: Како, каде и на кој начин ќе ја испратите 2019-та, а ќе ја дочекате Новата 2020-та година?

Мијата: Оваа година ќе го чекаме Дедо Мраз да ни дојде дома, зошто мама ќе работи на 1ви 🙂

Музика24: Кој е според тебе настанот од областа на музиката кој што ја одбележи 2019-та година, а која е пак песната и видео спотот која што на некој начин ја одбележа годината што изминува и лично тебе ти остави најголем впечаток?

Мијата: 2019-та ми беше во знакот на моето реактивирање на музичката сцена, и секако соработката со Дамир Пух и Наташа Миха како мои кретивци во студио. Од нашиот труд и работа заедничка ќе се берат плодовите и во новата 2020-та година. Песна која ме допре и како интерпетатор и како слушател е “Don’t leave me lonely” – Mark Ronson ft. Yebba, а за спот дефинитивно видео записот за мојата песна “Полетај”. Подготовките за ова видео, соработката со Мелем продукција и трансформацијата која ја доживував за време на снимањето уште долго ќе бидат во моите спомени.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова и се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се твоите планови, замисли и идеи за Новата 2020-та година? Што би сакала да ти се случи, оствари и реализира на приватно поле и во полето на музичката кариера?

Мијата: Во 2020-та сакам да издадам втoр албум, да имам настапи во живо, а можеби да спремам и концерт за мојата верна публика. На приватно поле само посакувам да ми се сите здрави и живи, и ако најде некој лек за Хашимото да ми каже.

Музика24: И како за крај на ова наше новогодишно интервју, што од срце би им посакала на твоите фанови, поддржувачи, како и читатели на музичкиот портал Музика24?

Мијата: Би им посакала повеќе да го ценат тоа што го имаат.

Фото: Fairytale Photography
Stajling by Сара Реџиќ

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: