Музика на кирилица

Горан Милошески со голема промоција на видео спот за “Очи зелено сини” (Фото + Видео)

Познатиот македонски поп пејач, композитор и продуцент Горан Милошески на овогодинешното издание на “Охрид фест” ја доби Првата награда од стручното жири за предобрата емотивна балада “Очи зелено сини”. Но не помина долго време и како и секој професионалец, така и Милошески неодамна снимаше видео спот за оваа првонаградена песна.

“Пред се благодарност до мојот тим кој и не е така мал, а стои зад оваа песна и воопшто зад реализацијата на видео спотот кој за само неколку дена ќе имате можност да го погледнете и официјално. Музиката и текстот се на Рики Миров, додека аранжманот го подготви Владимир Дојчиновски – Дојчин. Главниот лик во спотот е преубавата Викторија Јанкоска од Прилеп која што освен ги има најубавите зелено сини очи, таа е и предобра маникенка, глумица, а и врвна каратиска. Нејзин партнер во видео спотот е познатиот танчер од Битола Бобан Катароски. Инаку, тука морам да им се заблагодарам и на танчерите Ана и Игор Марковски од Битола, Симона Станковска која беше задолжена за стајлингот како и на Љупчо Љупа Ангелковски кој во спотот се појавува на хармоника, Игор Лазаравски – виолина и голема благодарност до мојата асистентка која се погрижи се да биде во најдобар ред и без која не би било тоа што беше, Александра Тасева”, вели Милошески. Тој за музичкиот портал Музика24 вели дека воопшто не ја очекувал наградата на “Охрид фест”, но дека самата песна се одвојувала од останатите на поп вечерта.

Како што веќе споменавме, за оваа песна тимот на Милошески подготви и во рок од неколку дена сними одличен, професионален и квалитетен видео спот чија промоција е закажана за в среда 27-ми септември во 12 часот во познатиот скопски ресторан “Кеј Станоли”. А што се однесува до снимањето на спотот, Милошески за тоа ексклузивно за Музика24 вели:

“Спотот се снимаше три дена и тоа на неколку локации во Македонија, меѓу кои ќе ги споменам Битола, Претор, Отешево… Самото снимање беше динамично, интересно, а посебно впечатливо беше тоа што сите статисти и учесници во спотот се соживеаа со улогите и како едноставно да не сакаа да заврши снимањето и да престане нашата долга заедничка дружба. Иако се снимаше со часови и часови, ниту еден од екипата не покажа слабост, умор и желба барем за мала пауза. За време на самото снимање имаше позитивна и весела адмосфера што речиси никој не помислуваше да појде дома, секому му посакувам да има можност да работи со вака позитивни и млади луѓе како што јас имав можност и прилика да работам. Инаку, спотот е во режија и монтажа на Томе Власески – Куба од Битола, зад камерата стоеше Агим Џело Збот”, додава Горан Милошески. А во продолжение ви нудиме да погледнете сосема мал дел од спотот како најава за она што може да погледнеме за време на промоцијата во среда.

Екипата на Музика24 разговорот со Горан Милошески го искористи и да се информира и воедно да дознае за она што овој наш македонски музичар планира и подготвува во иднина. На нашето прашање што е следно што може да очекуваме после промоцијата на новиот видео спот, Милошески веднаш ни одговори:

“После промовирањето на видео спотот за песната “Очи зелено сини”, планирам да ја завршам мојата најнова композиција “Духот на твоето А”, а веднаш потоа и ќе стартувам со подготовка на мојот најнов албум на кој што ќе се најдат вакви и слични композиции. Искрено, со “Очи зелено сини” се пронајдов себе си. Иако не сум автор, јас секогаш оваа песна ја пеам од срце за една со очи зелено сини, која ќе остане вечно во мене. Со самата промоција на албумот, сакам да го промовирам и третиот видео спот каде освен јас ќе се појави и Ана Марковска каде ќе имаме можност да ги покажеме нашите вештини за танцување и игра, патем да споменам дека јас сум поранешен танчер и би сакал освен со пеењето, да оставам трага барем малку, барем на некој начин и со танцувањето и играта. А после издавањето на албумот, планирам да се повлечам од македонската музичка сцена, но тоа и сега не е тема за разговор”, изјави Горан Милошески ексклузивно за музичкиот портал Музика24.

И незаборавајте, сите вие кои сте фанови и ја сакате и подржувате музиката на овој наш познат и веќе докажан македонски поп пејач, во среда на 27-ми септември со почеток во 12 часот во познатиот скопски ресторан “Кеј Станоли”стартува промоцијата на неговиот најнов видео спот за прво наградената композиција на “Охрид фест”, за предобрата “Очи зелено сини”.

Подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: