Музика на кирилица

Групата “Милко” во живо на Канал 103

Најновото продолжение на радиосеријалот “Ако никој не свири… во живо на Стотројка”, оваа недела во 22 часот е резервирано за скопскиот состав “Милко” во кој членуваат: Сашо Митревски – гитара и вокал, Стефан Терпини – тапани и Филип Поповски – бас-гитара.

“Милко” се роди есента во 2006 година во една темна и многу валкана подземна просторија во една скопска населба и е плод на една заедничка идеја, која се разви преку имагинацијата и потребата од музичко изразување на сопствените скриени интимни чувства. “Милко”, велат неговите членови, е привремено прибежиште, начин на живеење и соочување со реалноста.

Во март 2008 година го издадоа своето прво ЕП “Don’t let them win”, кое содржи пет песни снимени и продуцирани од Димитар Петров. Во септември 2009 година го снимаат “Changes” второто ЕП издание, снимено во живо и продуцирано од Ненад Трифуновски.

Првиот албум го издаваат во декември 2010 година под наслов “Никотин”. Материјалот е снимен во студиото “Бла бла бла” во далечната 2003 година заедно со продуцентот Дејан Еврушевски. Овој албум му го посветуваат на својот прерано починат пријател Милко Митревски – прв гитарист на “Никотин”, група од која произлезе “Милко”. Промоцијата на овој албум беше комбинација помеѓу концерт и арт-перформанс на кој настапија “Милко” и младата ликовна уметница Маја Кировска.

Неодамна го објавија својот нов албум насловен “Луѓе”, во издание на “ПМГ рекордингс”, а продуциран од Ивица Јанкуловски. Албумот се состои од 10 песни кои првпат се изведуваат на македонски јазик. По неколкуте персонални промени, на местото бас-гитарист на овој албум се појавува младиот Филип Поповски.

Подготви: Редакција на Музика24

Можеби ќе ве интересира: