Во прв ред

Авалон продукција со најава за неколку концерти

Додека Универзалната сала и Спортската арена “Борис Трајковски” се речиси празни и веќе подолго време не се случуваат музички настани (со ретки исклучоци), Авалон продукција оваа година на неколку наврати таа навика ќе ја промени. Имено, станува збор за неколку концерти кои се најавени веќе пред неколку месеци, но со започнувањето на 2013-та се повеќе и повеќе се зборува за нив.

Првиот концерт од Авалонци ќе се случи на 16-ти фебруари во Универзалната сала на легендарната дива Јосипа Лисац, која што доаѓа во Скопје по повод јубилејот од 40 години на еден од најквалитетните албуми на југословенските простори на сите времиња “Дневник једне љубави”.

Како што велат од Авалон, секогаш свежата модерната, оргинална и пред се искрена Јосипа Лисац во Скопје ќе дојде со својот бенд кој го сочинуваат: Борна Шерцар – тапани, Јосип Грах – труба и хармоника, Гојко Томљановиќ – клавијатура, Давор Чрнигој – бас гитара и Елвис Пенава – гитара. Влезниците за овој концерт се веќе пуштени во продажба по цена од 600 и 800 денари во Југотон, билетарата на Универзалната сала, Розе – Веро2 и музичката продавница “Чув Де Чув”.

Освен концертот на Јосипа Лисац, на агендата за концерти за 2013-та, Авалонци го подготвуваат и концертот на Ѓорѓе Балашевиќ кој во склоп на својата нова турнеја “Осмех се вратио у град” доаѓа во Скопје на 19-ти април во акустично совршената арена “Борис Трајковски”.

Музика24 ќе продолжи да ве известува и информира за сите музички настани и случувања поврзани со концертите во нашиот град, како и со сите идни планови на музичката продукција Авалон.

Подготви: Александра Блажевска

Можеби ќе ве интересира: