Во прв ред

79 години од ослободувањето на Куманово ќе се одбележи со низа културно-забавни настани (Фото)

Во сабота, 11-ти ноември, градот Куманово ќе го одбележи својот ден, односно, 79 години од ослободувањето на градот. По тој повод Општина Куманово и Фондацијата за култура и спорт од Куманово подготвуваат низа културно-забавни настани за свечено и достојно одбележување на овој голем ден.

„Во тек се ноемвриските денови со сериозно богата културна и спортска програма годинава. Постои и дигитална верзија од истата која можете да ја најдете на нашите социјални медиуми, но накусо сакам да ви го претставам она со што ќе го одбележиме Денот на градот”, изјави пред присутните новинарски екипи, младиот и секогаш насмеан и позитивен вд. директор на Фондацијата за култура и спорт, Марио Арангеловски.

Тој меѓудругото додаде дека главната програма за одбележување на Денот на градот, започнува во петок на 10-ти ноември со отворање на изложба на кумановски ликовни уметници во галеријата на Музеј Куманово од 19:30 часот.

„Се до мега концертот кој секоја година се случува по повод Ден на градот, на кој ќе ни настапи нашиот локален артист Мартинијан Кириловски кој ќе ја има таа чест да го отвори настанот, по него ќе настапат сопствениците на најголемиот хит во државата Пајак и Лара, за да на крај ѕвезди на вечерта ни бидат Туна и ДНК. Се одлучивме за програма со која ќе ги испочитуваме сите наши граѓани, а сепак ќе се сведеме на македонската музика и наши музичари”, додадава Арангеловски.

Што се однесува до програмата во сабота, со почеток во 11 часот во Спомен Костурницата ќе се одржи положување цвеќе на паднатите борци, а точно на пладне во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ ќе се одржи свечена седница на Советот на Општина Куманово.

И оваа година програмата за одбележување на Денот на градот ја спроведува Фондација за култура и спорт, под покровителство на Градоначалникот и Советот на Општина Куманово.

Можеби ќе ве интересира: